Град Скопје: Улиците и булеварите под наша надлежност се чисти и проодни

by Fokus

По обилните врнежи од снег и нисите температури во текот на изминатото деноноќие, денеска состанок одржа Кризниот штаб на Град Скопје, со кој раководи градоначалникот Петре Шилегов. На состанокот беа разгледани извештаите на зимската служба.

Град Скопје соопшти дека екипите на зимската служба на градот биле на терен уште од почетокот на вчерашниот ден и во текот на ноќта, при што досега се фрлени над 1000 тони сол на градските булевари и улици. Како што се наведува, сите градски улици и булевари во текот на деноноќието биле чисти и проодни и никаде не е забележан застој на сообраќајот.

– Јавниот превоз се одвива без проблеми и нема одложени градски линии на ЈСП Скопје, а интензивно се расчистуваат снегот и мразот од тротоарите и од јавните површини. На состанокот беше потврдено дека скопјани ќе ја дочекаат работната недела со целосно функционални улици и тротоари, велат од Град Скопје.

Кризниот штаб заклучи дека ќе и помогне на општина Сопиште во расчистувањето на неколкуте општински улици кои што се се уште блокирани.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Оттаму потсетуваат дека индустриската сол има ефект до – 7 степени целзиусови и поради ниските температури можно е појавување на голомразица на коловозот и затоа апелираат на голема внимателност во сообраќајот, а сите граѓани да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти.

Од Град Скопје со жалење констатираат дека определени политички структури и поранешни високи градски функционири свесно креирале лажни вести за наводно блокирани градски улици, покажувајќи фотографии од минатото кое не е реалност денес, а како што велат, биле карактеристични за времето на нивното управување со градот. Ги повикуваат граѓаните да не подлегнуваат на таквите лажни вести.

Поврзани новости