Повеќе од два месеци ги нема мајката и ќерката од Куманово, роднините во очај бараат помош!

by Fokus

Повеќе од два месеци нема трага од Сабина Сабединовска (32) и нејзината ќерка Елиф Идиќ (7) до Куманово, со кои семејството последниот контакт го имало на 28-ми август. Како што раскажува за „Фокус“ Шабан Илиќ, чичко на Елиф, блиските стравуваат од најлошото, и се во постојано исчекување на новости.

Неговиот брат, таткото на Елиф кој живеел во Германија исто така бил премногу вознемирен, во потрага по одговори. Немало трага ниту од Дехран Камберовски (42), човек кој порано живеел во Србија, а осум месеци пред да исчезнат Сабина и нејзината ќерка, тој се оженил со неа и започнал да живее со мајката и ќерката во куќата која Сабина ја наследила од нејзината почината мајка.

-Случајот е пријавен во полиција уште на трети септември. Ако не повеќе, очекувавме дека нивните фотографии ќе се најдат насекаде, во сите медиуми, на телевизија, јавноста да знае што се случува, па ако некој има информација да ни јави. Не сакам ова да го кажам, но наведен сум да мислам дека поради тоа што сме Ромско семејство, нема интерес за случајот! Оставени сме само да чекаме, а вести за тоа како се одвива потрагата нема – вели Шабан.

Појаснува дека семејството само започнало потрага по роднини на Дехран, и стапиле во контакт со негова сестра која живеела во Германија. Ја прашувале дали знае нешто, дали има информација каде е брат и, но и каде се Сабина и Елиф, но не добиле одговори.

-Сестрата на Дехран ни кажа дека нема никаков контакт со него со години. Тоа се нејзините зборови, но ние не можеме да тврдиме со сигурност дека никој ништо не знае за случајот. Ова е сериозна работа, се работи за дете и жена, Елиф не замина ниту на првиот училишен ден, како во земја да пропаднаа, не може туку така да исчезнат и никој да не ги види никаде за целото ова време! Бараме одговори, избезумени сме – вели чичкото.

За „Фокус“ уште минатиот месец од МВР потврдија дека е пријавено исчезнувањето на мајката и ќерката. Сепак, на официјалната страница со исчезнати лица, се уште не се објавени нивните фотографии и лични податоци. Шабан потврдува дека Елиф нема пасош, а за Сабина немаат информација дали извадила пасош изминатиот период.

Потсетува на законската обврска, дека за да се извади пасош за малолетното девојче, но и за тоа да се изнесе надвор од земјата, потребна е согласност и од таткото. Додава дека првин изгубиле контакт со мајката и ќерката, а Дехран бил забележан неколкупати низ градот по нивното исчезнување, по што и него го снемало. Замолува за помош од јавноста, доколку некој има било каква информација поврзана со случајот, да пријави во полиција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости