Академик Влада Урошевиќ и писателите Гоце Смилевски и Ненад Јолдевски – двајцата добитници на наградата за литература на ЕУ, ќе учествуваат на презентацијата на македонската литература на претстојниот Саем на книга во Франкфурт. Комесари на годинашнотото престатвување на најголемиот книжевен саем во Европа се издавачките куќи „Арс Ламина“, „Култура“ и „Три“ од Асоцијацијата на македонски издавачи со поддршка на Министерството за култура.
– На македонскиот штанд на саемот во Франкфурт оваа година од 19-ти до 23 октомври ќе бидат претставени над 500 вредни книги на повеќе од 100 македонски автори, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции од Република Македонија. Пред посетителите на саемот ќе бидат изложени и капиталните едиции „130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик како и „Антологискиот приказ на едицијата на македонска книжевност“ на германски јазик, во издание на НУБ Св. Климент Охридски, рече денеска на прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Претставувањето ќе биде под мотото „Созвучја“, според наслов од песна на Шарл Бодлер. На 20-ти и 21 октомври, претставници на македонските издавачки куќи ќе имаат средби со нивни партнери-издавачи од странство. На 21 октомври е предвиден Македонски ден на литературата за деца и ќе биде промовирана едицијата „Бајки од Македонија“, приказни кои се преточени во модерни сликовници, адаптирани на модерен јазик и прилагодени на децата од предучилишна возраст.
На македонскиот штанд на 22 октомври од 13 часот е централниот настан, на кој тројцата македонски писатели Урошевиќ, Смилевски и Јолдевски, ќе учествуваат на трибина „Промоцијата на македонската литература и пробивот на македонските автори и издавачки куќи на меѓународната книжевна сцена“. Како што беше најавено, на трибината ќе учествуваат Нина Димитрова-Шмигер и Роланд Шмигер, автори кои речиси две децении се посветија на создавањето на обемниот Германско-македонски речник.
На македонскиот штанд ќе се најде и книгата на младиот автор Методија Диневски „Експеримент 51“ во издание на „Култура“. Станува збор за возбудливо четиво во кое се алудира на тоа дека ние сме експеримент на туѓа цивилизација.
Додека ја читате книгата имате чувство дека гледате филм! – ова е најчестата реакција на читателите за романот „Експеримент 51“.
Авторот е дипломиран политиколог на Англоамериканскиот универзитет во Прага, Чешка. Книгата ја пишувал седум месеци. Во првиот роман се разработува антиката, во вториот ќе пишува за средновековието, а во третата за денешницата.
Инаку за саемот во Франкфурт комесарите подготвија и еден обемен каталог на англиски јазик насловен „Современа македонска литература“ во кој се прикажани поетското, прозното и драмското творештво на повеќе македонски автори. Покрај резимеата на некои од најзначајните современи македонски раскажувачи, во каталогот се содржани и информации за Конкурсот за странски издавачи кој го спроведува Министерството за култура.
Академик Урошевиќ, кој првпат ќе учествува на самот во Франкфурт, истакна дека тој е извонредно многу значаен за пласирањето на книгите на една национална литература.
– Учеството на овие саеми на книгата се несомнено најветувачкиот пат за пробивањето на нашата литература во светот… Ако сакаме навистина да излеземе во светот со нашата литература, мораме да најдеме странски издавачи кои се заинтересирани за нас. Тоа е комплициран проблем, не е лесен за решавање, но единствен пат кој води кон успехот е учеството на овие саеми на книгата, рече Урошевиќ.
Претставниците од издавачките куќи „Арс Ламина“ и „Култура, Дарко Фудановски и Гордана Војнеска, кои информираа за настаните на македонскиот штанд и за симболиката на неговиот дизајн, истакнаа дека ќе организираат претставување во најдобра можна слика за да ги заинтересираат странските литературни агенти за литературата од Македонија.
На Саемот на книгата во Франкфурт, кој има 67-годишна традиција, секоја година учествуваат повеќе од 7000 издавачи, со што тој е центар за претставување на издавачката индустрија од целиот свет.