Повеќе од 5.500 луѓе се убиени во Иран и Либан од почетокот на конфликтот во регионот пред повеќе од шест недели, според најновите бројки од локалните власти.
Либанското Министерство за здравство денес објави дека најмалку 2.167 луѓе се убиени во израелски напади во земјата од 2 март, при што најмалку 43 смртни случаи се случиле во последните 24 часа.
Меѓу загинатите се најмалку 172 деца, како и 91 здравствен работник, објави Си‒ен‒ен.
Израел започна напади врз, како што вели, цели на Хезболах поддржани од Иран во Либан пред нешто повеќе од шест недели и продолжи да изведува напади по сегашното примирје меѓу Иран и САД.
Најмалку 3.375 лица се убиени во Иран откако САД и Израел започнаа напади врз земјата во февруари, објави државната иранска телевизија Исламска Република Иран (ИРИБ).
Во Иран, тимовите за итни случаи спасија повеќе од 7.200 луѓе од урнатините по бомбардирањата на САД и Израел за време на војната, изјави претседателот на Иранското друштво на Црвената полумесечина, Пир Хосеин Коливанд.
Денес, тој објави соопштение со статистика од операциите на групата, наведувајќи дека некои мисии за спасување човечки останки од бомбардирања траеле до 20 дена.
Активистите за човекови права во Иран, невладина организација со седиште во САД, изјавија дека најмалку 1.701 цивили, вклучувајќи 254 деца, се убиени од минатата среда.