Лекари-специјалисти од трите приватни болници „Аџибадем-Систина“, „Жан Митрев Клиник“ и општата приватна болница „Ремедика“ веќе долги години незаконски предаваат на државните универзитети во земјава, а еден од нив Медицинскиот факултет „Гоце Делчев“ во Штип.
На самата нивна официјална веб страница можат да се најдат имињата и презимињата на сите лекари, кои работат во приватните болници, а истовремено предаваат на државните медицински факултети.
„Фокус“ едно по едно ги прочепка имињата на сите лекари кои работат во „Ремедика“, „Систина“ и Жан Митрев Клиник“, а истовремено се водат и како професори на штипскиот Медицински факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“, што е спротивно на Законот. Не станува збор за мал број на професори, туку за повеќе од 30 лекари, само на тој факултет.
Постои уште еден член во Законот за засновање на работен однос, поточно член 174, кои дел од лекарите специјалисти вработени во трите приватни болници го прекршуваат. За што станува збор?
Тоа што е нерегуларно во целата приказна е што Законот налага дека тие мора да бидат вработени во јавна здравствена установа и да предаваат на државен Универзитет. Никако не смеат да работат приватно и да предаваат на државните универзитети:
„Лицата кои се во работен однос во јавна здавствена установа, а се избрани во наставно научни, наставно и научно звање, односно во соработничко звање на јавна високо образовна установа вршат и високообразовна дејност на јавна високообразовна установа“, се наведува во Законот.
КОИ ЛЕКАРИ ГО ПРЕКРШУВААТ ЗАКОНОТ?
Дел од имињата на лекарите од приватните болници, кои истовремено се и професори се познати имиња во лекарската фела. Меѓу нив се Андреј Петров и неговата сопруга Дева, од кои и двајцата работат во „Аџибадем-Систина“. Од истата болница може да се најде и името на инфектологот Патриција Каламарас, која за време на ковид пандемијата ја напушти Градската болница „8 Септември“ и отиде да работи во болницата на Орце Камчев.
На истата листа, но и од истата болница може да се најде и Ристо Симеонов, поранешен директор на Детска хирургија, потоа Корнелија Трајкова и Лилјана Николовска. Ова се само дел од имињата од болницата на Камчев.
Втора на списокот е Ремедика, а од таму на Медицинскиот факултет во Штип предаваат Влатко Цветановски, Зоранчо Петановски, Весна Петревска- Дуковска и актуелниот прв човек на болницата, поточно медицинскит директор Александар Митевски.
Исто така, во целата приказна не е изоставен и тимот на приватната болница „Жан Митрев Клиник“. Таму на чело е кардиохиругот Жан Митрев, потоа докторките Тања Ангушева и Милка Клинчева.
Значи, сите овие лекари предаваат на штипскиот универзитет, што е спротивно на закон, за што во изјава за „Фокус“ потврдува и професорот по административно право, Борче Давитковски.
„Законот јасно и прецизно кажува дека од приватна здравствена установа не може да се предава на државен универзитет. Не случајно ги направија овие клинички центри. Тоа е нерегуларно, бидејќи законот не им дозволува“, тврди Давитковски.
Ирена Мулачка