Повеќе од 13 години нема нови лекови на позитивната листа

Нови лекови нема цела деценија, а пациентите  мора да платат огромни суми на пари за да ја набават неопходната терапија

by Fokus

Повеќе од 13 години не е променета позитивната листа на лекови, а во неа се наоѓаат застарени лекови кои веќе се исфрлени од употреба во другите земји и повеќе никој не ги користи.

Нови лекови нема цела деценија, а пациентите  мора да платат огромни суми на пари за да ја набават неопходната терапија. Луѓе мора да продаваат куќе и станови, да земаат кредити за да можат да си ја купат терапијата.

Според нашите информации, дури 14 комисии под капа на министерството за здравство формирани уште во времето кога министер за здравство беше Никола Тодоров веќе десет години „носат“ одлуки кои лекови треба да се најдат на оваа листа, но досега не сработиле ништо, поточно не ставиле ниту еден нов лек,  кој би им помогнал на пациентите.

Дел од нив плаќаат од 500 до 1.500 евра за да набават лек, кој во Македонија никако да се најде на оваа листа на лекови, а кои се неопходни за нечиј живот.

„Не знам што да кажам. Многу лекови кои години наназад наоѓаат примена во соседните земји, кај нас не можат да се најдат на рецепт, туку си ги купуваме со наши пари. Ем терапијата ни е неопходна, ем потребни се куп пари затоа што станува збор за скапи лекови.

 

Има лекови кои можат да се купат, но има и доста скапи за кои не може секој да си дозволи секој месец толку голема сума. Редно време е тоа да се промени“, реагира 56-годишен пациент, кој веќе подолг период набавува лекови од странство.

Поранешниот министер за здравство Венко Филипче уште пред три години тврдеше дека ќе ги укине сите 14 комисии и ќе формира една комисија за позитивна листа, но до завршувањето на неговиот мандат тоа не се случи.

Екс министерот во 2019 година излезе со изјава во Владата дека со заштедата од намалување на цените на околу 550 лекови (генерички и иновативни) ќе обезбедат буџет со кој понатаму ќе ја прошират позитивната листа на лекови. Сепак, до тоа не дојде, ниту комисиите се сменети, а ниту пак има ставено нови лекови на позитивната листа.

Уште една најава за ажурирање на позитивната листа на лекови пред три месеци дојде  и од актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, но сепак неизвесно останува кога точно тоа ќе се случи.

И покрај тоа, тој на прес-конференција одржана на 1 август, 2023 година најави дека за луѓето во здравството, за сите пациенти и граѓани  ова ќе било голем ден, оти дефинитивно ќе се ставело крај на проблемот со листата и дека истата ќе биде ажурирана, за да можат пациентите да добијат ефективна терапија.

„Донесен е нов правилник за ставање на лековите на позитивна листа кој се базира на европски пракси во оваа област, вклучувајќи ги и посебните договори кои ќе овозможат достапност на иновативни лекови за нашите пациенти.

Формирана е комисија, која ќе работи на измена и дополнување на позитивната листа на лекови и после долг верменски период ќе воспоставиме функционален систем за да се задоволат потребите на пациентите со соодветни терапии. Комисијата е составена од експерти од МЗ, од ФЗО, од Агенцијата за лекови, од Институтот за преклиничка фармакологија, како и од доктори и специјалисти од унииверзитетските клиники“, тврдеше пред три месеци Меџити.

Тој кажа оти верува дека фармацевтските компании веќе ја прават потребната документација, за да можат да одговорат на барањата на правилникот.

Претходните министри во неколку наврати ветуваа дека е планирано најмалку еднаш годишно да се проширува позитивната листа со нови генерации на лекови. Досега, тоа останаа само празни ветувања.

Ирена Мулачка

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости