Повеќе од 10.000 граѓани се во ризик откако за 40 отсто се скрати буџетот за заштита од ХИВ

by Fokus

Министерството за здравство го скрати буџетот за превенција од ХИВ за 40 отсто, со што на коцка го стави здравјето на најмалку 10.000 засегнати граѓани, обвинија здруженијата кои споведуваат активности за заштита од вирусот на СИДА.

На денешната прес-конференција јавно прашаа дали „заштедите“ во буџетот државата започна да ги прави врз грбот на најмаргинализираните граѓани?

„На скандалозен и паушален начин, без каква било стручна дискусија, Министерството за здравство скрати дури 40 % од средствата предвидени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2022 година, која Владата ја усвои пред само еден месец. Со тоа, државата ги става во ризик од згаснување воспоставените капацитети за контрола на ХИВ-инфекцијата во земјава“, изјавија од здруженијата „Заедно посилни“, „ХОПС“ и „Хера“.

Наместо предвидените 46,5 милиони денари во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција, наменети за услугите за превенција од болеста што ги спроведуваат околу 14 здруженија во 12 града во земјава, Министерството за здравство завчера објави јавен повик за здруженија со износ намален за дури 19 милиони денари. Здруженијата велат дека за одлуката не е консултирана Националната комисија за ХИВ. Бараат итно да се коригира објавениот јавен повик за здруженија што ќе ги спроведуваат активностите во согласност со износите предвидени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2022 година.

Фото: Бриф

Поврзани новости