Потврдени првите случаи на омикрон во САД и ОАЕ

by fokus

Првиот случај на зараза со омикрон варијантата на коронавирусот е потврден во Соединетите држави кај лице коешто допатувало од Јужноафриканската Република, соопштија американските здравствени власти.

Лицето било позитивно на тестирање во сојузната држава Калифорнија.

-Лицето е целосно вакцинирано и имеше полесни симптоми кои минувале. Сите кои од тогаш биле во близок контакт со ова лица беа негативни на тестот, се наведува во сопштението за медиумите и се додава дека пациентот се вратил од ЈАР на 22-ри ноември.

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) во петокот ја оцени омикрон варијантата како „загрижувачка“, а веќе е идентификувана во повеќе од дваесет земји откако прво е идентифукувана во Јужноафриканската Република.

Обединетите Арапски Емирати, исто така, денеска соопштија дека во земјата е откриен првиот случај на сојот омикрон, кај жена којашто допатувала од Африка, јавија локалните медиуми. ОАЕ е втората земја во регионот на Персискиот залив којашто откри случај на инфекција со омикрон, откако Саудиска Арабија претходно го пријави првиот случај.

Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) претходно во вторникот соопштија дека тие се првата земја во светот која вакцинирала 100 отсто од своето население против коронавирус со најмалку една доза. Околу 90 отсто од населението досега примиле вкупно две дози вакцини против коронавирусот, според Управата за управување со кризи и катастрофи (NCEMA).

Поврзани новости