Потврдена смртта на Навални – се бара телото да му биде предадено на семејството

by fokus

Портпаролот на Алексеј Навални потврди дека рускиот опозиционер е мртов, јавува Би-Би-Си. Навални наводно починал на 16 февруари во 14:17 часот по локално време, според документот даден на мајката на Навални, Људмила. Неговото тело е кај истражителите.

Портпаролката на Алексеј Навални, Кира Џармиш, бара телото на Навални веднаш да му биде предадено на семејството, по официјалната потврда за неговата смрт.

Затворската служба на регионот Јамало-Ненец, каде Навални ја одлежуваше затворската казна, во петокот ја пријави неговата смрт. Рускиот опозиционер беше зад решетки откако се врати од Германија во јануари 2021 година.

-На 16 февруари годинава во воспитно-поправниот дом бр.3 осуденикот Навални А.А. по прошетката се чувствувал лошо, речиси веднаш изгубил свест. Веднаш пристигнале медицински работници од установата и била повикана екипа на Итна медицинска помош, се вели во соопштението.

-Извршени се сите потребни реанимации, но не дадоа позитивни резултати. Лекарите од Итната помош констатирале смрт на осуденото лице. Причините за смртта се утврдуваат, се додава во соопштението.

Навални беше уапсен во 2021 година по враќањето од Германија, каде што се лекуваше од труење, како што заклучија европските лаборатории, со советскиот нервен агенс Новичок.

Во март 2022 година, Навални доби деветгодишна затворска казна под обвинение за презир и проневера со измама, што тој и неговите поддржувачи постојано ги отфрлаа како политички мотивирани обвиненија.

Во август 2023 година, судот му ја продолжи затворската казна на Навални на 19 години и го испрати во построг објект „посебен режим“ од затворот со максимална безбедност каде што беше задржан. Во декември минатата година Навални беше префрлен во таков затвор во руската арктичка област.

Поврзани новости