(ИНТЕРВЈУ) Муцунски: Наш посакуван партнер за идната влада се партиите од албанската опозиција!

Кандидатот што ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи за претседател на државата, ќе биде човек што ќе има углед и кредибилитет, пред сѐ, кај граѓаните на Република Македонија, а потоа и во меѓународната заедница. Убеден сум дека ќе го понудиме најдоброто можно решение, вели Тимчо Муцунски за „Фокус“.

by Фокус

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“ вели дека доколку се создадат соодветни услови нивниот посакуван партнер се партиите од албанската опозиција. Тоа што со сигурност го знам, додава Муцунски, е дека идна коалиција ќе се формира врз основа на принципи и вредности и во неа нема да има место за висококорумпираните поединци од актуелната власт.

Разговараше: Дејан АЗЕСКИ

ФОКУС: Дали последните случувања во „Алијанса за Албанците се предвесник дека опозицијата по изборите во мај ќе се обиде да ја обнови коалицијата од ноември 2021 година?
МУЦУНСКИ: Внатрешните случувања во Алијансата на Албанците почнаа откако претседателот на оваа партија и градоначалник Арбен Таравари најави можно коалицирање со неколку други партии од албанската опозиција.

Подоцна следеа одредени недоразбирања меѓу самите припадници во раководството на оваа партија, за кои веруваме дека ќе можат да се надминат на мирен и демократски начин, и во прилог на одвивање на иден легален и легитимен изборен процес.

Не е добро кога трети страни преку свое влијание, а заради остварување на свои интереси креираат внатрешни проблеми во одредена политичка партија, бидејќи на таков начин се нарушува кредибилитетот на самите партии што се вклучени во таквите процеси.

Во предвечерието на претседателските и парламентарните избори никој не посакува создавање тензии и ситуации, кои потенцијално би можеле да го загрозат кредибилитетот на изборниот процес и затоа како политичка партија често повикуваме на висок степен на разум, морал, дијалог и мирно решавање на кое било спорно прашање.

Што се однесува до прашањето околу можно идно постизборно коалицирање, нашиот став е јасен и концизен во насока на тоа дека однапред никој не треба да биде дисквалификуван, но доколку се создадат соодветни услови наш посакуван партнер би биле партиите од албанската опозиција.

Тоа што со сигурност го знам е дека нашата идна коалиција ќе се формира врз основа на принципи и вредности, и во неа нема да има место за висококорумпираните поединци од актуелната власт.

ФОКУС: Дали комплицираните меѓународни состојби се земаат предвид при изборот на претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ? Што личноста што вие ќе ја поддржите може и смее реално да понуди различно од политиката на тотална послушност на Пендаровски?
МУЦУНСКИ: Кандидатот што ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи за претседател на државата, ќе биде човек што ќе има углед и кредибилитет, пред сѐ, кај граѓаните на Република Македонија, а потоа и во меѓународната заедница. Убеден сум дека ќе го понудиме најдоброто можно решение.

Верувам дека нашиот кандидат/кандидатка со своето знаење, искуство и харизматичност ќе ги задоволи највисоките критериумите што се бараат од личноста што заслужува и треба да ја води државата во следните пет години.

Од идниот претседател очекуваме да покаже висок степен на независност во донесувањето на одлуките, силен морален интегритет, добро познавање на областите што се во негова надлежност, висок степен на одговорност и достојно претставување на државата надвор од нејзините граници.

Тоа е сето она што во голем дел недостасуваше во претходниот период, а што секако го очекуваат и посакуваат да го видат граѓаните во иднина.

Поврзани новости