Влатко СТОЈАНОВСКИ
Поранешниот вицепремиер и близок соработник на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Артан Груби, одлучи да се повлече од јавниот живот, откако САД го стави на „црна листа“ поради вмешаност во „значителна корупција“, бидејќи, според американскиот Стејт Департмент, заедно со судијата Енвер Беџети, прифаќајки мито се обидувале да го спасат од затвор поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков во случајот со масовното прислушување.
„Иако одлуката нагласува дека таа не е за осуда, туку за поттикнување на подобрување на однесувањето, јас пред Бога, семејството и пријателите сум чист како солза. Но, со намера да придонесам за вистината, која многумина од вас гледам дека веќе ја знаете, а за да не бидам ничиј политички товар, решив да се повлечам од јавниот живот и за ова го информирав претседателот Ахмети уште од првиот ден.
Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети. Верувајте во неговиот правилен пат, пат кој беше и останува најголема надеж за Албанците и за сите граѓани на Северна Македонија. Секогаш останувам посветен на овие вредности и ќе бидам покрај нив, како граѓанин и како поддржувач на општото добро“, напиша Груби на Фејсбук.
На тој начин, неславно заврши кариерата на некогашниот невладин активист, кој метеорски напредуваше во рамки на ДУИ, но и на политичката сцена генерално, особено за време на последната влада на СДСМ и ДУИ, кога Груби стана прв вицепремиер и воедно министер за политички систем и односи меѓу заедниците, формирано преку трансформацијата на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.
Како што е познато, Груби во политиката влезе преку организацијата „Разбуди се“, која, меѓу другото, се истакна со протестите во 2011 година против изградбата на црква на Кале. Набргу потоа, амбициозниот Груби брзо напредуваше на партиската скала во Мала Речица, со оглед дека стана шеф на кабинет на Ахмети, а подоцна и организациски секретар на ДУИ. Сепак, неговото влегување во извршната власт предизвика револт во ДУИ, каде се формираше добропознатата „огнена група“ која бараше Ахмети да го жртвува Груби.
(АРХИВА) „Огнената група“ ја бара главата на Груби, но дали главната мета е Ахмети?
– Сега станале на нога, отстрани го Артан Груби. Но, нема да го отстранам – велеше Ахмети. За лојалноста на Груби кон Ахмети, најдобро говори оваа изјава на Груби: „Сите знаат дека во политиката ќе постапам како што ми вели Али Ахмети. Ако ми каже да одиме со СДСМ, ќе одиме со СДСМ, ако ми каже да работам на тоа како стратегија. Се гледам како негов следбеник, војник, како да кажам активист, член, кој верува во него и кој е во политиката за него. Влегов во политиката поради него“.
На крајот, Груби се повлече откако „поцрне“ поради вмешаност во „значителна корупција“, а дали тоа го сторил самоиницијативно или по барање на Ахмети, имајќи во предвид дека своевремено самиот велеше дека ќе постапи како што ќе му рече партискиот лидер, ќе остане енигма. Она што се наметнува како дополнителна дилема е дали јавноста веќе нема да слушне ниту збор за Груби, или, пак, неговото име повторно би можело да се актуелизира, но во поинаков контекст, со оглед дека новата власт на ВМРО-ДПМНЕ често го обвинува за вмешаност во криминал и корупција.
–Дали се работи за РЕК Битола, дали се работи за Лотарија и делот на игри на среќа, дали се работи за делот на ЈП за државни патишта, за Железници, дали се работи за концесии итн, има бројни прашања што сме ги отворале во минатото што мислам дека лесно ќе ги процесуира обвинителството… Веќе и врапчињата знаат дека во РЕК Битола имаше криминал. Една компанија сите тендери ги добиваше. Знаат дека во Лотарија Артан Груби и Перпарим Бајрами правеа тоа што правеа… – рече вицепремиерот Александар Николоски во интервју за „Фокус“.
По Николоски, и премиерот Христијан Мицкоски го спомена Груби, коментирајќи: Па, има доста, како што викате, малверзации или шпекулации, како сакате наречете ги. Во периодот што следува ќе биде многу појасно. Но, околу името на овој лик што го споменавте (Артан Груби), не само во делот на автопатиштата, има и други области каде се поврзани неговите дејства, кои не се баш во интерес на граѓаните во Македонија – рече Мицкоски на Алсат М. Во однос на прашањето пак кои се тие области, тој не одговори конкретно, но повтори дека „во периодот што следува јавноста ќе сведочи на сето тоа“.
За потсетување, Груби беше во центарот на вниманието откако лани му беше запален луксузниот автомобил „ауди“. Тој не признаваше дека е негов автомобилот, туку бил во сопственост на неговиот пријател, кој, според Груби, му го дал да го користи, но сепак, тоа беше дочекано со недоверба. Всушност, токму „Фокус“ го поврза Груби со запаленото „ауди“, доведувајќи го и во корелација со сторијата на која претходно работевме – изградба на автопатот кон Блаце и продажбата на хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка.
Поточно, во текот на 2022 година, „Фокус“ објави серијал текстови во чии рамки беа презентирани податоци за начинот на кој градежниот гигант АД „Гранит“ го доби и изврши првиот милионски договор за изградба на автопатска делница кон Блаце и потоа доби втор вреден тендер за комплетирање на оваа 2 километарска траса, непосредно пред да го продаде хотелот на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма-загубар со еден вработен.
Во рамки на првата тендерска постапка, Јавното претпријатие за државни патишта, тогаш на чело со Зоран Китанов од СДСМ, и „Гранит“ склучиле договор за изградба на 2 километри од автопатската делница кон Блаце на 16.1.2020 година во вредност од 14 милиони евра, кој по 5 измени стасал до 17 милиони евра. На крајот на 2022 година, пак, ЈП за државни патишта, веќе предводено од Ејуп Рустеми од ДУИ, одлучува да спроведе нов тендер за комплетирање на делницата, така што на 24.1.2023 година склучува уште еден договор со „Гранит“ од 11,5 милиони евра.
(АРХИВА) Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?
Патем, огласот за тендерот е објавен на 21.10.2022 година или само неколку дена откако на 17.10.2022 година е запишана промена на сопственоста врз хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка, кој беше опожарен во 2013 година. Имено, имотот за 55 илјади евра го купила компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“, која тогаш била во сопственост на Беким Лимани и Хусамеддин Озтурк, а денес единствен сопственик е Лимани. Првично, компанијата била основана од актуелниот претседател на ФК Шкупи, Суат Аљија, кој можел да се види како во друштво на функционери на тогашната власт следи фудбалски натпревари, а своевремено бил ангажиран и во Царинската управа.
Опожареното „ауди“ што го возел Груби се поврзува со фирма за осветлување, која купи хотел на Шапка?
Во таа насока, подоцна се случи настан, кој го поврза Груби со „Еуро Ком Лигхтинг“ и нејзиниот моментален формален сопственик Беким Лимани. Кога се случи немилиот настан со запаленото „ауди“, дел од медиумите известија дека запаленото возило е во сопственост на лицето Бекир Лимани. Меѓутоа, „Фокус“ обелодени дека станува збор за Беким Лимани, кој бил заведен според возачката дозвола дека го паркирал „аудито“ тип А6, 3.0 ТДИ, произведено во Германија во 2021 година, во сопственост на „Еуро Ком Лигхтинг“.
Како вицепремиерот Груби управувал „ауди“ А6 старо 2 години, во сопственост на приватна фирма?
Тогаш, Груби се бранеше дека повеќе од 3 години нема лично приватно возило. Кога станал вицепремиер, добил службено возило, па увидел дека не го користи тогашното „ауди“ што го поседувал и го продал за да не губи на вредност. Оттогаш, кога и да му требало возило за приватни потреби, позајмувал од свои блиски, а едно од тие туѓи возила што ги позајмувал и користел било запаленото „ауди А6“″. Во едно интервју, тој посочи дека возилата од блиски и пријатели ги возел „со овластување, само за приватни цели“. Како тогаш знаеле кое возило да го запалат, беше логичното прашање што се наметна?
Зошто како сопственик е заведено физичко наместо правно лице, кој е формален, а кој реален сопственик на возилото, почна да испитува Јавното обвинителство. Како што соопштија тогаш од таму, јавен обвинител дал наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите, а била издадена и наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото.
Кога последен пат проверувавме до каде е случајот со опожареното „ауди“ пред нецела година, од МВР ни одговорија дека преземаат мерки и активности по насоки на скопското обвинителство. Од обвинителството, пак, тогаш ни изјавија дека предметот е во фаза на предистражна постапка и, како што посочуваат, се прават проверки и се очекуваат резултати од наредени вештачења. Сега, повторно се обративме до МВР и ЈО, но се уште не добивме одговор дали овој случај има разрешница или барем некаков напредок.
Кога случајот се актуелизираше во јавноста, Антикорупциската комисија започна да врши проверка на имотната состојба на тогашниот вицепремиер Груби и неговото семејство. Арно ама, од таму тогаш не информираа дека наидувале на отпор и опструкции од страна на Груби, кој на нивните барања да достави податоци барал да му бидат испратени двојазични формулари, а кога антикорупционерите тоа го сториле тој не дал одговор. Се обративме и до ДКСК за епилогот на оваа проверка, па штом добиеме одговор веднаш ќе го објавиме.
(АРХИВА) Дали за „епскиот криминал“ ќе „паднат“ крупни ѕверки или само ситни риби!?
Инаку, високи владејачки претставници, пред се од ВЛЕН, го доведуваат Груби во релација и со секторот со игри на среќа, врз основа на тоа што за негов близок човек го сметаат првиот човек на „Лотарија“ за време на претходната власт, Перпарим Бајрами. По промените, новата Влада го раскина милионскиот договор за закуп на објект склучен со синот на пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски и ги одзеде лицените за т.н. онлајн коцкање, за што надлежните органи водат предистрага. Во меѓувреме, „Фокус“ пишуваше и за објект на ДУИ кој преминал во сопственост на компанија за приредување на игри на среќа, како и за казино во Визбегово, поврзано со странски консултанти што работеле партиски и владин ПР.
ЛИНКОВИ:
Владата го раскинува милионскиот договор на Лотарија со фирма на Јахоски за објект во Визбегово!
(АРХИВА) Деловен простор на ДУИ во „Мавровка“ завршил во рацете на газди на спортски обложувалници!