Потрошени 1,5 милиони евра за итни набавки за корона вирусот

by Frosina Fakova

Досега се склучени 71 договор во вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Најголемата набавка е за респираторни машини, за што се потрошени 909 илјади евра, во 44 проценти од случаите се преговарало само со една фирма, а најчесто се купува заштитна опрема и тоа маски, ракавици и скафандери, со шареноликост во цените. Во секој петти договор за јавна набавка или одлука за избор на најповолна понуда не се објавуваат ниту количините на набавенитe производи, ниту поединечните цени. Пет здравствени, три локални и две национални институции се во првите 10 институции со најголема вредност на набавките.

Ова го објави Центарот за граѓански комуникации, по направениот мониторинг на итните набавки поврзани со корона вирусот . За итни јавни набавки поврзани со заштита и превенција од ширењето на заразата од коронавирусот, од почетокот на март до 20 април склучени се 71 договор во вкупна вредност од 1,5 милион евра.

Иако во мониторираниот период е зголемен бројот на објавени договори за итните набавки, стои во извештајот, сепак дел од институциите и натаму не ги објавуваат известувањата за склучен договор и самите договори.

– Најголема поединечна набавка е за респираторните машини, за што се потрошени 909 илјади евра. Досега најголема набавка поврзана со кризата е онаа на Министерството за здравство, кое со посебна Уредба на Владата набави 31 респираторна машина за 909.561 евро, или по просечна цена од 29.340 евра по машина. Специфичноста на оваа набавка е што се објави јавен оглас во којшто се бараа понуди во рок од три дена, со однапред утврдена максимална цена од 25.000 евра по машина (без давачки) и максимален рок на испораката од 30 дена. Добиени се девет понуди, од кои седум се отфрлени поради неисполнување на рокот на испораката, цената или други услови од повикот, покажува мониторингот извршен од страна на Центарот за граѓански комуникации.

Во 44 проценти од случаите се преговарало само со една фирма, а значаен дел од институциите продолжуваат со практиката, пред склучувањето на итните договори, да преговараат само со една наместо со повеќе фирми.

Во 44 проценти од склучените договори побарале понуда само од еден понудувач, со којшто е и склучен договорот.

Најчесто се купува заштитна опрема, и тоа маски, ракавици и скафандери, со шареноликост во цените. Државните институции набавуваат повеќе видови маски, од двослојни или трослојни заштитни хируршки маски по цени од 30 до 45 денари, преку заштитна маска N95 со цени од 200 до 340 денари, респираторни маски FFP3 со цена од 177 денари и респираторни маски N95 кои чинат од 66 до 97 денари, па сè до платнени маски по цена од 35 денари и хируршки маски со визир по цена од 53 денари. Шареноликост постои и во однос на скафандерите, па некои купуваат од оние за еднократна употреба, за кои плаќаат од 177 до 485 денари, а други купуваат скафандери за повеќекратна употреба, по цени од 1.180 денари. Кога станува збор за прегледните ракавици за еднократна употреба, забележана е значајна разлика во цените: од 1,76 денари до 4,70 денари. Малопродажната цена за овие ракавици е главно 3,5 денари и произлегува дека одредени институции ги купуваат по цени што се повисоки и од малопродажните.

Во секој петти договор за јавна набавка или одлука за избор на најповолна понуда не се објавуваат ниту количините на набавените производи, ниту поединечните цени. Дел од институциите (речиси 20 отсто), стои во објавените резултати од мониторингот, во договорите за јавна набавка или во одлуките за избор на најповолна понуда што ги објавуваат на Електронскиот систем за јавни набавки, го наведуваат само предметот на набавката, односно што е тоа што ќе го купат и вкупната вредност на договорот. Ваквото постапување, се подвлекува, не е во духот на транспарентното и отчетно работење и го оневозможува увидот на стручната јавност и на граѓаните во начинот на којшто се трошат јавните пари.

Поврзани новости