Пишува: Драган АЛЧИНОВ
Несомнено е дека ветото на Макрон по однос на одлуката за отпочнување на пристапни преговори со Република Северна Македонија и Република Албанија е прифатено како историска грешка, со чии последици земјите од регионот и ЕУ ќе треба да се справуваат во годините кои доаѓаат. Меѓу стручната јавност која ги следи политичките процеси во Европа и на Балканот преовладува ставот дека оправдувањата на Макрон за одбивањето на почетокот на преговорите- имено, потребата од реформи во двете земји-кандидати, потребата од реформи на Унијата, потребата од реформи на методологијата на преговорите- се изговори, додека вистинската причина за ваквата негова одлука е домашната политика во Франција, како и односите внатре во ЕУ. Всушност, самиот Макрон призна дека овојпат ним им е потребно малку повеќе време за да се подготват, јасно упатувајќи на заклучокот дека причината за одложувањето лежи во ЕУ, а не во земјите-кандидати.
Изговорите на Макрон не се оправдани како поради нивната содржина, така и поради ефектот кој веќе го предизвикуваат. На пример, и самите лидери во Скопје и Тирана тврдат дека реформите во насока на демократијата и владеењето на правото ни се неопходни, а отварањето на преговорите е еден од најсилните инструменти за вршење трансформативно влијание во земјите-кандидати. Понатаму, реформите на ЕУ можат да одат паралелно со преговорите за членство, а продлабочувањето на европската интеграција и проширувањето на европскиот проект секогаш одеа заедно. И ефектите на изговорите не се посакувани- ЕУ забрзано го губи кредибилитетот во регионот, а со тоа и своето влијание. Предвремените парламентарни избори закажани за април се причина за зголемувањето на популизмот и национализмот и пролиферацијата на сулудите тези за сојуз со Србија и членство во Евроазиската Унија, како дел од кампањата на опозицијата.
Но, еден од изговорите на Макрон- реформата на методологијата за преговорите за членство- е предлог за кој вреди да се размисли. Франција посакува нова методологија која ќе ги направи преговорите помалку технократски, повеќе политички и реверзибилни. И не е единствена во тоа. Поддршка за промени во методологијата на преговорите доаѓа и од други земји, од академијата, но и од политичките лидери на земјите-кандидати.
Процесот на преговори за членство се смета за елитистички процес во кој учествуваат претставници на владата и кој го следат мал број невладини организации и новинари, но е далеку од очите на јавноста која пак го перцепира како наметнување на влијанието на Брисел. Според сегашниот метод на преговори, ЕУ отвара едно поглавје за преговори и не може да го врати на почеток доколку земјата назадува, ниту пак може повторно да го отвори откако еднаш ќе го затвори. Но, она што е најважно е дека преговорите веќе не создаваат доволно реални ефекти во земјата-кандидат. Пример за ова се земјите од Биг Бенг Проширувањето од 2004 и 2007 година.
Иако земјите од Централна и Источна Европа се најголемите поддржувачи на политиката на Проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан, сепак нивните постапки се една од најголемите причини за сомнеж во ефективноста на процесот и за неговиот реформски капацитет.
Донесувањето на Копенхашките критериуми претходеше на Биг Бенг Проширувањето, но сепак критериумите ги воспоставија само генералните услови кои земјите заинтересирани за членство во ЕУ треба да ги исполнат. Проширувањето од 2004 година значеше приклучување во членство на една цела група од 10 земји, без притоа да се запази ригорозна постапка на скрининг на исполнувањето на условите за членство. Ова доведе до релативен успех на Проширувањето.
Денес, 15 години после членството во Унијата, земјите-членки од Централна и Источна Европа страдаат од популизам, национализам, корупција, недостиг на медиумска слобода, назадувања во демократијата и владеењето на правото, а со своите постапки во надворешната политика го разбиваат единството на ЕУ и во значајна мера го намалуваат нејзиното влијание на меѓународната сцена. Виктор Орбан се гордее со својот модел на илиберална демократија, кој опфаќа воспоставување на силна политичка контрола врз медиумите, партизација на судството и огромни дози на национализам и популизам. Неговиот модел го следи и владејачката партија во Полска- Право и правда- која веднаш после доаѓањето на власт во 2015 година ја започна својата пресметка со судството и медиумите. И Орбан во Унгарија и Качински во Полска ги поистоветуваат своите поддржувачи со ,,вистинските Унгарци’’ и ,,вистинските Полјаци’’, на тој начин квалификувајќи ги своите политички неистомисленици како непријатели на народот и слуги на Брисел. А заради високите стапки на криминал и корупција, ЕУ мораше да го воведе таканаречениот Механизам за контрола и верификација (Control and Verification Mechanism) во Романија и Бугарија откако земјите веќе станаа членки на Унијата. Политичките лидери од новите членки на Унијата научија дека стриктната кондиционалност која важи во периодот на преговори за членство завршува во моментот на здобивање со полноправно членство. И не само тоа, туку наскоро научија и дека тие како полноправни членки можат да се спротивставуваат на старите членки и на Унијата во целина и на тој начин да ги одржуваат своите илиберални режими во сила.
Релативниот успех на Проширувањето да постигне конвергенција на општествата во земјите од Централна и Источна Европа со европските стандарди доведе до сомнеж кај земјите од Западна Европа дека Проширувањето може да постигне одржливи трансформации. И особено во оваа смисла се поставува прашањето ако Проширувањето не успеа да доведе до долготрајни реформи во земјите од Централна Европа кои се и географски и историски поврзани со западноевропските земји, тогаш зошто Проширувањето би успеало да доведе до трансформација на земјите од Западниот Балкан!? Тековните преговори со Србија и Црна Гора исто така не водат до реална трансформација на овие земји.
Европската Унија не е производ на историјата, географијата или економијата. Нејзината основа е во вредностите- во прв ред на демократијата и владеењето на правото. Непочитувањето на фундаменталните вредности значи негирање на самата суштина на европскиот проект. Прекршувањето на основните правила им штети на граѓаните на земјите од Централна и Источна Европа, го руши имиџот на целата Унијата, но истовремено им штети и земјите од Западниот Балкан пролонгирајќи го процесот на нивна европска интеграција.
Во ваков контекст треба да се гледаат предлозите кои излегоа во јавноста деновиве, а кои одат во насока на создавање алтернативни модели за релацијата меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан. Беа предложени модели на специјално партнерство, членство во Европската економска заедница, дури и модел на условно членство. Сиве овие модели нудат алтернатива на полноправното членство во Унијата, а потекнуваат од несигурноста кај земјите од Западна Европа, односно од нивната недоверба во трансформативниот капацитет на процесот на Проширување на ЕУ.
И јасно е дека нивната недоверба е во голема мера оправдана, но отфрлањето на Западниот Балкан не е опција. Имаше среден пат: октомврискиот Самит на ЕУ требаше да определи временска рамка од неколку месеци за реформа на методологијата, а после истекот на овој рок и донесувањето на новата методологија веднаш би отпочнале преговорите со двете земји-кандидати. Со тоа Унијата ќе го одржеше својот збор и ќе дадеше поголема тежина на потребата од реформи на методологијата на преговорите.
Реформите на методологијата на преговорите се неопходност, особено доколку се изнајде начин за гаранција на иреверзибилност на напредокот кој бил постигнат во периодот на преговори за членство. Но, реформите на методологијата на преговорите не смее да биде пречка за засилени реформи во земјите-кандидати. Подобрувањето на процесот на Проширување е во интерес на сите, а најмногу во интерес на граѓаните од Западниот Балкан.
REPORT THIS AD