Потребен е колективен отпор на институциите да се справат со корупција. Не е важно колкав ќе биде бројот на случаи што Антикорупциска комисија ќе ги отвори, туку колку случаи на корупција ќе се затворат и како тие ќе придонесат во иднина за колективниот имунитет на институциите на корупција.
Ова денеска беше истакнато на првата конференција организирана од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата од проектот „Набљудување на успешноста на работата на Државната комисија за спречување корупција“, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Миша Поповиќ, постар истражувач во Институтот за демократија, рече дека ова е нов проект во Платформата, чија задача е да понуди поинакво набљудување на работата на ДКСК.
– Нас не интересира како институциите што се предмет на нивни одлуки одговараат на работата на Антикорупциска комисија, односно како што веќе видовте минатата недела, како на пример по одлуки на Антикорупциска одговараат институции каде што е најден некаков пропуст. И тоа е многу важно во овој период, не само да ја набљудуваме Антикорупциска како таква, туку да понудиме една средина во која што ќе може да се засили отпорот на институциите кон корупција, потенцијално што би се појавил во иднина, преку справување со денеска најдени слабости, односно, она што Антикопрупциска би го нашла, или ќе го најде во одредена институција, рече Поповиќ.
Во однос на тоа каде се констатирани слабости, Поповиќ рече дека мониторингот сега е на почеток.
– Ние не можеме да зборуваме во овој момент за резултати, меѓутоа можеме да зборуваме за план како тоа ќе го следиме, меѓутоа, истовремено можеме да зборуваме за тоа дека нашата методологија ќе и помогне на Антикорупциска, но многу повеќе и на државата во Националната стратегија што ќе се донесе овој период, е како всушност да се фокусира борбата против корупцијата, бидејќи клучното е да се постигне некаков успех, оцени Поповиќ.
Тој истакна дека не е важно колку случаи ќе се отворат, туку колку случаи ќе се затворат и како тие случаи ќе придонесат во иднина да институциите бидат отпорни на корупција.
– Направивме план како да се фокусира борбата против корупција, кои се клучните области и кои се клучните слабости односно пречки што треба да се отстранат. Зборуваме за области како правосудство, медиуми, јавни набавки, енергетика, каде што и мал број случаи можат да направат големи промени и штети во општеството. Доволно е еден урбанистички план да биде сменет како резултат на корупција поради некаква зграда и таа зграда понатаму да придонесе кон загадување и тоа директно луѓето го чувствуваат, оцени тој.
Како добар потег на ДКСК тој го оцени тоа што Комисијата побарала дополнителни образложенија зошто управните и надзорните одбори во тие неколку институции за кои што веќе има донесено одлуки, одлучиле дека нема одговорност на раководните лица.
Поповиќ смета дека клучното спречување на корупција не е активноста на една, две или пет институции, во областа, туку колективен отпор на институциите да се справат со коурпција – каде што ќе се појави, таму да се спречи, а не понатаму таквите случаи да ги наоѓаат ЈО и ДКСК.
– Се додека организмот, ако ја сфатиме така државата така, е отпорен на кпорупција, дури тогаш можеме да зборуваме за одржлива борба против корупцијата, подвлече Поповиќ.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска изјави дека ефикасноста на работењето на државната антикорупциска комисија најмногу треба да ја почувствуваат граѓаните, односно дали нешто се придвижило кон некаква промена или не.
Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, рече дека станува збор за проект чија цел е да постигне две работи – прво да одговори на прашањето на кој начин поефикасно да се бираат потенцијалните случаи на корупција во согласно со ресурсите со кои располага Комисијата.
– Втората цел што се обидува да се постигне со проектот е да влезе во пракса поговорката „подобро да се спречи, отколку да се лечи“, односно да помогне да се зајакне колективниот имунитет на институциите или отпорот на институциите кон борбата против корупција, додаде Трошановски.