Потпишан меморандум за соработка со Словенија, поддршка од околу два милиони евра

by Fokus

Во Владата денеска беше потпишан Меморандум за меѓународен развој и соработка со Република Словенија за периодот 2020 – 2021 година.

Се работи за поддршка од околу два милиони евра која Владата на Словенија ги дава за кофинансирање на инфраструктурни проекти кои се однесуваат за снабдување со вода за пиење во неколку општини и техничка поддршка за евроинтегративните процеси.

Меморандумот го потпишаа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и словенечкиот амбасадор Милан Јазбец во присуство на премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Државниот Збор, Дејан Жидан.

Според вицепремиерот Османи, денешниот Меморандум е продолжување на досегашната соработка меѓу двете држави и потврда дека Словенија не само што дава политичка, туку и техничка поддршка за евроинтегративните процеси на земјава.

– Сакам да им се заблагодарам и на граѓаните на Словенија кои одлучија нивните средства да ги наменат за нашите општини и тоа е знак за нашето искрено и континуирано пријателство, рече Османи.

Меморандумот овозможува и македонските средношколци да можат да се запишат на словенечките универзитети и да студираат под исти услови како и словенечките студенти.

– Во изминатите 15 години за развој на македонските општини вложени се од наша страна 20 милиони евра. Важен дел од меморандумот е тоа што средношколците од земјава можат да се запишат на факултетите во Словенија и да студираат под истите услови како словенечките студенти. Скоро илјада студенти од Северна Македонија студираат во Словенија, посочи словенечкиот амбасадор Јазбец.

Во изминатите 15 години од страна на Словенија вложени се околу 20 милиони евра во земјава.

Поврзани новости