Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, денеска го потпишаа новиот Општ колективен договор за одржлив раст на платите во јавниот сектор.
Согласно Општиот колективен договор, од септември 130 илјади вработени во јавниот сектор од септември ќе добијат зголемување на платите од 10 проценти, исплата на К-15 до крајот на годината во висина од 10 илјади денари.
Во општиот колективен договор стои одредба за исплатата на К – 15 од 2024 година да биде најмалку 30 проценти од висината на просечната плата.
Договорено е новата методологија за пресметка на платите за вработените во јавниот сектор ќе започне од март 2025 година.
Тренчевска изрази задоволство што сите заедно, синдикатите, работодавачите и Владата односно членовите на Економско-социјален совет, донеле системско и одржливо решение за пораст на платите за вработните во јавниот сектор.
Според неа, ова е значаен чекор во насока на унапредување на работничките права и потврда дека за оваа Влада социјалниот дијалог е особено значаен.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека со Општиот колективен договор завршува процес кој траел три години, а 15 години по потишувањето на последниот колективен договор за јавниот секор.
-Се исправи една неправда кон вработените во јавниот сектор. Договорот значи дека на 1 септември вработените добиваат 10 проценти повисока плата, и регрес за годишен одмор од 10.000 денари до крајот на годинава, а следниот ќе биде 30 проценти од просечната плата, истакна Трендафилов.