Поставен пункт на “Сквер Јадран” за донации од поплавите

by fokus

Денеска во Скопје, на Сквер Јадран од 10 до 22 часот ќе има голем пункт за донации за настраданите во поплавите. Станува збор за сите пунктови кои беа организирани од страна на фејсбук групата “Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје”.

Според информациите на волонтерите на терен, сите пунктови стануваат еден координиран пункт за донации за настраданите во поплавените делови на Скопје, а самиот пункт ќе биде поставен до 22 часот.

“Волонтерите велат дека веднаш по пристигнувањето на донациите, тие се селектираат во кутии и пакетии, по што се носат онаму каде што помошта е најнеопходна. Донациите се носат од куќа во куќа, во сите поплавени региони, почнувајќи од таму каде што е најпотребно. Затоа замолуваме за максимална поддршка за настраданите”, вели Иван Антоновски, еден од волонтерите.

Тој потенцираше дека ситуацијата од терен потврдува дека се неопходни уште многу донации.

“Најнеопходни донации се средства за дезинфекција, средства за лична хигиена, конзервирана и сува храна (храна којашто не треба да се готви или да се чува во фрижидер), храна за бебиња, пелени за бебиња, пелени за возрасни, прибор за чистење, кофи, пакавици за чистење, лопати, гумени чизми, лекови коишто се издаваат без лекарски рецепт, батериски ламби, медицински маски, хирушки ракавици”, додава Антоновски.

 

Поврзани новости