Последното(првото) прибежиште на неранимајковците

by Фокус

Семјуел Џонсон ја кажал онаа славна реченица на која што сите се повикуваме а според која “национализмот е последното прибежиште на нерамнимајковците“, но некој му реплицирал и рекол дека тоа не е точно бидејќи “национализмот е првото прибежиште на неранимајковците“. Во секој случај, не е забележано некој да го негирал кажаното што подразбира дека, без оглед да ли е прво или последно, национализмот дефинитивно е прибежиште на неранимајковците.

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

Убав на прв поглед, преполн со романтика што неприметно се претвора во илузија, национализмот е всушност  средство за бришење на индивидуалноста и претопување во сивилото на колективноста. Тој е состојба на умот во која што јасно можеш да ги согледаш слабостите и глупостите, манипулациите и лагите во кои што пропаѓа твојот толку сакан народ, а ти не си во состојба да ја кажеш вистината. Не си, бидејќи тоа значи исклучување од хордата и враќање во ужасот на самотијата, во индивидуалноста која што толку многу си се трудел да ја убиеш тврдејќи дека нацијата е се а индивидуата е ништо.

А  сетете се само колку зло и несреќи предизвикаа кај нас и околу нас, до немајкаде искривениот национализам и патриотиозам. Сетете се колку грабежи и насилства се случија, колку лаги  и измами ни се сервираа во името на љубовта кон народот и државата. Балкан е ова, се може да се проголта. И се така, до новите избори на кои претендентите за власт, немајќи никакви адути и аргументи, ќе продолжат да си го играат својот покер со истите карти.

Во тој покер, за жал, влогот е секогаш истиот-нашата духовна, морална и материјална беда, нашата залуденост со споменици и згради, тврдини, коњи, лавови и орли. Не е познат некој случај, дури ни во бившата ни држава каде што се пролеа толку многу недолжна крв, народот да е зашеметен до тој степен и да се радува на својата несреќа како што се случува актуелно во Македонија.

Да, ние се радуваме на “националистичките“ и “патриотските“ блувотини што ни ги сервираат, се радуваме на “староста“ што ја градиме, едните се радуваме затоа што Александар е поодамнешен од Скендербег, а другите затоа што споменикот на првиот е многу подоцнежен од тој на вториот, се радуваме на промената на идентитетот. А национализмот и патриотизмот со кој што не хранат е толку јаден и беден, толку е спротивен на своето изворно значење. Всушност, толку искривена и изопачена стана таа љубов на сивите еминенции кон народот и татковината што сосема комотно можеме да го сместиме во категоријата на издајништво.

Ама, балканци сме нели? Ако ја сакаме новокомпонираната музика, зошто да не ги сакаме новокомпонираните националисти и турбо фолк патриоти? Зошто да не им служиме на разноразни “тајкуни“ и “бизнисмени“ што своите махерски способности ги открија дури кога се зачленјиа во одредена партија? Зошто би ни пречел молерајот што го чинат врз нашите и туѓи вредности ако од сето тоа произлегува дека нашите вредности се поголеми, а туѓите се бедни? Затоа што,во меѓувреме, над глава ни виси како Дамоклеовиот меч, страшното правило: економската беда секогаш предизвикува политичка криза, а таа пак се финализира со безбедносни кризи.

Е, тогаш веројатно ќе ни биде крив Господ затоа што не заборавил и ни го свртел грбот.

Ама Господ ниту заборава,ниту врти грб. Тој ни го подарил интелектот и ги поставил правилата на живеење и на однесување, укажувајќи јасно дека самите треба да си го одбереме својот пат. Ако ние самите Македонија ја претвараме во исконтаминирана дупка со се и сешто што предизвикува одбојност во друштвото на нормалните земји и нормалните луѓе на 21 век , вината сигурно не е Божја. Толку многу убавина и толку многу можности ни подарил Творецот во оваа прекрасна земја а ние талкаме ли талкаме. Зарем Господ е крив ако ние со нашите слабости ја храниме снагата на безобзирно материјализираниот национализам и патриотизам. Господ ли е крив што искрените луѓе кои што својата љубов кон народот и татковината ги негуваат во себе како природни одлики и со нив не се расфрлуваат, никој не ги есапи ?

За да биде уште по лута и по мрсна оваа турлитава, национализмот ни го пласираат како единствена можност да ги сочуваме националните интереси, при тоа не разјаснувајќи ни што точно представува национален интерес. Се подразбираат, ни велат, мислејќи при тоа веројатно на стварањето на држава-нација која што ќе биде ослободена од внатрешните недоразбирања, од “малцинствата што сами по себе значат нелојалност“, од “антинационалистичките предавници“ . А сето тоа зачинето, нормално, со демократија која што не ти била возможна ако турлитавата не е мрсна и лута. Со демократијата, ви текнува,вербално можете да покриете се што ќе посакате и ќе ја докажете праведноста на и на нај глупавите идеи.

Ама не секој човек може да подразбере, постојат за среќа и такви што сакаат да разберат дали една “чиста и хомогенизирана држава“ реализирана преку некојси национален консензус, ќе ги реши сите страдања на обичниот човек, дали таковците на нацијата во тој случај ќе крадат помалку или воопшто нема да крадат, дали ќе ги снема социјалните разлики што сега се очебијни, дали ќе не лажат помалку и ќе не убиваат помалку .

Во секој случај, на сите нас во Македонија ни останува отворено прашањето дали сакаме да бидеме личности кои што себе се остваруваат преку својата работа или талент или сакаме да бидеме членови на колективитети каде што ке се чувствуваме побезбедно и ќе ни биде потопло. Дали сакаме да бидеме “добри Албанци“ и “добри Македонци“ или сакаме да бидеме – добри луѓе. Бидејќи, знаете, и многу лоши луѓе можат да бидат добри Македонци и Албанци.

Ако не можете да се реализирате по Божјите правила, со трудолубивост, искреност и човечност, бегајте во прегратките на испревртениот  национализам и патриотизам, ама внимавајте да не се зафатени местата од неранимајковци.

Но имате и друга опција: Сакај го ближниот свој, а ако не можеш да го сакаш и подалечниот, барем почитувај го, ако и тоа не можеш-толерирај го. Бог се гледа и се знае.

 

Поврзани новости