Екс шефицата на Врховен, Лидија Неделкова ќе одлучува по Барањето за заштита на законитоста за случајот „Пуч“, поднесено до највисокиот суд од Специјалното јавно обвинителство. Старо новиот претседател на највисокиот суд, Јово Вангеловски потврди дека сите предметите кои ги работел тој, сега со новиот распоред се во рацете на Неделкова, објави Алсат-М.
Меѓу нив е и барањето на СЈО за заштита на законитоста, каде Јанева наведува дека е спорна пресудата од три години затвор за Ѕвонко Костовски во случајот „Пуч“, постигната со спогодба со обвинителството на Марко Зврлевски. Во пресудата не било утврдено за која странска служба Костовски шпионирал а тој е осуден како помагач, без осуден сторител.
СЈО пред два месеца се откажа од обвинението за „Пуч“. Доказите кои ги имале биле во спротивност со прикажаната состојба во обвинението, подготвено од обвинителството на Марко Зврлевски. Катица Јанева преку случајот „Таргет“ соопшти дека дошле до докази дека тајната полиција незаконски снимала телефонски разговори од 2008-ма до 2015-та година.