ЕУ не може да си дозволи прво да се занимава со внатрешната реформа, а дури потоа да ги отпочне процесите во регионот, бидејќи постои преголем ризик во меѓувреме да се случи реформско назадување во западнобалканските земји.
Ова е пораката што утрово ја упати еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој за последен пат се обрати пред Комисија за надворешни работи на Европскиот Парламент во својство на вршител на сегашната функција, на дебатата фокусирана главно на Западниот Балкан.
Тој изрази жалење што земјите членки на ЕУ не постигнаа консензус во октомври за отпочнување на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, бидејќи, според него, тоа му нанесува огромна штета на кредибилитетот на Европската Унија.
– ЕУ во светот зборува за успесите на мултилатерализмот и ние сме водечка сила во тоа, но тука не успеавме да донесеме одлука. Нашиот кредибилитет е оштетен – им порача Хан на европратениците.
Сепак, тој изрази надеж дека оваа одлука ќе се ревидира.
– Ние дадовме гаранции дека кога ќе се исполнат критериумите ќе отпочнат преговорите. Ние не ги испочитувавме нашите ветувања и се надевам дека одлуката ќе се ревидира. Огромното мнозинство земји со години туркаат за отворање на преговорите – нагласи еврокомесарот.
Тој предупреди дека ЕУ мора да внимава на последиците што може да ги предизвика блокадата врз другите земји во регионот, потсетувајќи дека најголем поттик за Белград и Приштина да постигнат договор е токму ЕУ перспективата.
– Ако по проверка се утврди дека условите се исполнети од страна на земјите, тогаш не смее да има двоумење дека треба да се даде зелено светло за почеток на преговорите. Впрочем помеѓу давањето зелено светло и отворањето на првите поглавја ќе поминат неколку месеци – изјави Хан.