Биг Мама три години по операцијата: За 10.000 евра ми се промени цел живот!

by fokus 11:06
11:06

Борбата со вишокот на килограми е нешто кое е се поприсутно кај добар дел од популацијата. Здравствените проблеми поради гојазноста, несигурноста и незадоволството се само дел од она со кое се соочуваат лицата со зголемена телесна тежина и многу од нив се во секојдневна потрага по начини со кои ќе ја нормализираат својата тежина.

Разни диети, базирани на одреден вид на исхрана, физички вежби, а во последно време, се попопуларниот хируршки зафат познат како стеснување на желудникот е изборот на лицата кои се трудат драстично да ги изгубат килограмите.

- Advertising -

Стеснувањето на желудникот е всушност поставување на gastric banding на желудникот, односно поставување на силиконски прстен на самиот влез на желудникот. За оваа процедура уште пред две години јавно во интервју за „Фокус” раскажа поп и ар-ен-би пејачката и ТВ водителка Бесјана Касами, позната на естрадата како Биг Мама.

Тогаш таа појасни дека зафатот го направила на клиника во Турција, на почетокот на 2017 година, и за само една година успеала да изгуби 38 килограми. Денес, овој начин да се дојде до посакуваната тежина е се позастапен и кај нас и се изведува на повеќе клиники во земјава.

Околу тоа како сега, по речиси три години од интервенцијата се чувствува Бесјана, таа во разговор за „Фокус” вели дека не жали за ништо и како токму овој овој потег е најдоброто нешто кое што го направила во животот.

-Поминаа три години откако се решив на овој чекор. Не жалам за ништо, бидејќи се помина во најдобар ред, изгубив без проблем 40 килограми. Дефинитивно, тоа беше најпаметното нешто кое сум го направила до сега. Околу исхраната, јадам баш се што ќе посакам, но чувствувам ситост и со малку храна. Ако порано можев да изедам цела пица, сега од две парчиња јас сум сита. Чоколадите ми се редовни на менито, операцијата ме научи како да се хранам почесто, но во помали количини. Не се прејадувам, не сум гладна, килограмите се стопија, задоволна сум од резултатите – раскажува Касами.

Околу тоа колку е операцијата безбедна, бидејќи сепак кај нас е нешто ново и владее одреден страв да се „легне” под нож во име на добриот изглед, но и доброто здравје, таа додава дека станува збор за зафат кој воопшто не е лесен и најголема важност има тоа кој доктор ќе го изведе, односно колкаво искуство има истиот.

-Јас ја имав среќата да се оперирам во Турција, кај доктор Керим Гузел, кој за мене е најдобриот во оваа област. Мислам дека колку операцијата ќе биде успешна најмногу зависи од докторот, иако можеби имаат влијание и други фактори. Кај мене се помина во најдобар ред, после мене на истата клиника се оперираа над 150 лица. Знам дека сите си заминале од таму среќни и задоволни. Моја препорака до оние кои се заинтересирани е да го направат зафатот таму, водена од сопственото искуство – вели пејачката и водителка.

Таа вели дека посебно треба да се внимава на цената која што ја нудат клиниките за стеснување на желудникот, бидејќи пациентите во потрага по пониска цена, со цел да заштедат, се случува да се соочат со недоволно професионално изведена процедура, со што сериозно можат да го загрозат своето здравје.

-Цената на овој зафат, реално се движи од седум до десет илјади евра. Како што е важно искуството на докторот, исто е важна и цената. Мора да се внимава и на тоа, бидејќи се работи за сериозна интервенција – раскажа Бесјана.

Таа моментално е актуелна со новиот спот, римејк на песната „Akoma te du”. Исто така, ја води емисијата ,,Mama’s trip” на РТВ21 во Косово и на ТВ21 кај нас.

-Според концептот на емисијата, постојано патувам низ светот, задоволна сум од тоа како функционирам. Не се откажав од кулинарските задоволства, имам исполнет живот, се чувствувам поздраво и поубаво – ни изјави Биг Мама.

Поставувањето на силиконски прстен е процедура со која килограмите се губат постепено, односно по неколку килограми месечно. Gastric banding претставува силиконски прстен кој се поставува на самиот влез на желудникот со што го дели желудникот на два дела, горен помал и долен поголем, кои меѓусебно комуницираат.

Со поставување на овој силиконски прстен доаѓа до намалување на апетитот. Со поделбата на желудникот кога пациентот зема храна, горниот дел на желудникот брзо се полни и се чувствува ситост со што треба да се престане внесувањето храна.

В.К.

Поврзани новости