Првпат по пет години, Мешовитата меѓувладина комисија за соработка меѓу Македонија и Русија ќе ја одржи првата средба. Средбата е закажана за 14 – 16 ноември во Охрид, а Идната недела во Москва ќе се одржат подготвителни средби.
Меѓувладината комисија ќе профункционира по речиси пет години, откако последниот состанок беше одржан во Калининград, Русија, во 2014-та.
– На средбата в среда ќе бидеме дел од делегацијата што ќе ја предводи министерот за земјоделство Трајан Димковски. Од руска страна ќе нè пречека копретседателот на Мешовитата комисија, Груздев. Предвидени се и средби со заменик-министерот за земјоделство, како и со заменик-претседателот на Стопанската комора на Руската Федерација. Ќе се разговра за зголемување на соработката, вели претседателот на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев.
На средбите во Москва ќе присуствуваат и претставници на Руската фитосанитарна и ветеринарна служба, која ги уредува правилата за извоз.
– Најавени се одредени измени во правилниците за увоз во Руската Федерација. Ќе биде многу добро однапред да ги добиеме тие информации за да ги споделиме со нашите компании, нагласува Бешлиев.