Македонска пошта се на работ на егзистенција, а доведени се во прашање над 2000 работни места, вели синдикалниот лидер Боро Велигденов.
Тој рече дека Синдикатот ќе изготви систематизација и ќе ја достави на идната влада, со инсистирање за нејзина итна примена, како стартно решение за состојбата на Пошта.
– Сите аномалии и проблеми во работењето со систематизација ќе се надминат и ќе се позиционираме на пазарот, односно ќе ја вратиме Македонска пошта на граѓаните со редовна и навремена достава на пратки. Има работници кои не доаѓаат на работа, има работници кои доаѓаат, а не знаат кои им се работните места, затоа е таа нова систематизација – да ја поттикнеме продуктивноста во работењето, а со самото тоа ќе ги зголемиме приходите и ќе можеме самостојно да функционираме како друштво, посочи Велигденов.
Велигденов на прес-конференција пред Владата истакна дека веќе се консултираат со членството за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк, откако по протест минатиот месец не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.
-Состојбите се крајно сериозни, финансиската состојба е алармантна, како вработени сме загрижени за редовната исплата на платата. Вчера земавме плата, но имаме неисплатена плата на над 200 договорни поштари, рече Велигденов.
Тој вели дека е важно да не се продолжи со лошата кадрова политика, со партизацијата што со години и години наназад се провлекува и ја доведе Македонска пошта до работ на опстојување. Клучен проблем, вели тој, е токму систематизацијата.
– Со постоечката систематизација, а веруваме дека таква организација во работењето нема во ниту една институција, имаме 15 подружници, 15 директори, седум члена на Управен одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а се помалку работници во технолошкиот процес, додаде Велигденов.
Целта, посочи, е да се изготви нова систематизација согласно потребите на друштвото и на пазарот и да се стави огромен акцент на технолошкиот процес и на обработка на пратките.