Посетата на Заев не смени ништо, повеќе европски земји се против почеток на преговори

by fokus

Црвено светло за Албанија и Северна Македонија во ЕУ. Австрискиот весник Пресе повикувајќи се на дипломатски извори тврди дека земјите-членки нема да дозволат отворање преговори со двете земји во јуни, пренесува „Дојче веле“.

„Повеќе земји-членки на ЕУ го одбиваат почетокот на преговорите со Албанија и Северна Македонија. Тоа, на денешната средба со комесарот за проширување Јоханес Хан во Брисел уште еднаш ќе го повторат амбасадорите на членките на ЕУ. Со оглед на тоа што за почетокот на преговорите мора да се согласат сите 28 членки на ЕУ, исклучено е дека пред летото двете западнобалкански земји ќе го направат следниот чекор кон ЕУ“, пишува денеска австрискиот весник Пресе.

Според Пресе, ни вчерашната посета на Брисел на македонскиот премиер Зоран Заев не смени ништо во тој однос.

„Во прв ред, Франција и Холандија силно се противат на почеток на преговорите со двете земји. И во Данска и Германија нема согласност за почеток на преговорите со двете земји. Во Германија, освен скепсата во однос на реформските напори на двете влади, постојат и процедурални причини зошто не е можна согласност пред летото. Имено, Владата смее дури по одобрение од парламентот да се согласи на преговори за членство со трета земја. Пред почетокот на летната пауза, Бундестагот заседава уште само оваа и последната недела од јуни“, пишува Пресе.

Весникот уште потсетува и на минатонеделната изјава на шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини, која рече дека поради решавањето на спорот за името со Грција, ЕУ сега има обврска да започне преговори со Северна Македонија.

Но, според Пресе, овој аргумент е спорен. Весникот пренесува изјава на неименуван европски дипломат кој негира дека такво нешто било ветено.

„Тоа никогаш не беше услов за проширување, туку за влез во НАТО,“ вели европскиот дипломат.

Поврзани новости