Петчлена делегација на Постојаниот комитет за европски прашања на Претставничкиот дом на Кралството Холандија беше во работна посета на Република Македонија на 28 и 29 февруари. Главната цел на посетата на Претседавачот на Постојаниот комитет, Малик Азмани и членовите Марит Меиј, Атје Каукен, Шерон Гестхаузен и Кис Верхувен беше да добијат појасна претстава за предизвиците со кои е соочена Македонија во справувањето со мигрантската криза и процесот за проширување на Европската унија.
Во рамките на посетата, делегацијата составена од претставници на четири политички партии оствари средби со своите колеги од Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски како и претставници на невладиниот сектор во Македонија. Заедно со претставници од УНХЦР и УНИЦЕФ делегацијата го посети и Прифатниот центар Винојуг на македонско-грчката граница.
Главни теми за дискусија со македонските претставници беа предизвиците на Македонија како една од клучните земји на балканската рута во справувањето со големиот прилив на мигранти и бегалци, како и процесот на Евро-атлантската интеграција. Холандија е долгогодишен поддржувач на Македонија и останува посветена на нејзината интеграција во ЕУ. Поради оваа цел, како еден
од најголемите билатерални донатори, Холандија во изминатите години обезбеди грантови во вкупна вредност од преку 200 милиони евра. Покрај поддршката обезбедена преку УНХЦР и УНИЦЕФ, Холандија во текот на изминатата година обезбеди преку 360.000 евра за проекти насочени кон подобрување на системот за граничен надзор и работа со ранливите категории на мигранти кои минуваат низ Македонија.