Министерство за култура објави тендер за нов објект на Драмски театар

by Фокус

Драмски театар ќе добие целосно нов објект на местото на сегашниот. Министерството за култура веќе има распишано тендер за изведувач, а понудите ќе бидат отворени наредниот месец.

-Има доста заинтересирани фирми, отворањето на тендерот е на 4 април, така што доколку биде успешен, може да очекуваме на крајот на април, почетокот на мај, да почне изградбата на нов театар на местото на сегашниот Драмски. Објектот ќе биде доста функционален, со најсовремена сценска технологија по сите светски стандарди, изјави денеска министерката за култура,  Елизабета Канческа-Милевска.

Новиот драмски театар ќе има две сали: една поголема, со 397 седишта, повеќе отколку сегашните 330, и ќе има помала сала до сто седишта. Вкупната бруто површина на целиот објект ќе биде 17.700 метри квадратни. Министерката не кажа колку пари се планираат да се потрошат на овој објект.

Нов објект за Драмскиот театар беше најавен и во 2013 година, а според тогашниот проект се планираше објектот да биде на две нивоа со вкупно 33.543 метри квадратни. Долниот дел требаше да биде наменет за театарот, а горниот дел со површина од 12.710 метри квадратни за деловни објекти на приватниот партнер.

Поврзани новости