Португалија како претседавач со Европската унија и Европската комисија и натаму се надеваат дека до крајот на португалското претседателство ќе може да се одржи меѓувладината конференција со Северна Македонија, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Ана Паула Закариаш, државната секретарка за европски прашања на Португалија, објасни дека денеска за време на Советот за општи работи министрите имале дискусија за Северна Македонија и Албанија како и општо за проширувањето.
-Би рекла дека сите земји членки сакаат да видат придвижување тука, претседателството разговараше со земјите кандидати и со земјите членки и со поддршка на еврокомесарот Оливер Вархеји разговаравме со бугарските власти, изјави Закариаш на прес – конференцијата.
Таа додаде дека во овој момент Бугарија се наоѓа во постизборен период, но дека дебатата за Северна Македонија продолжува за да се дојде до резултат.
-А тоа е за време на нашето претседателство да ги започнеме меѓувладините конференции со Северна Македонија и Албанија, рече португалската државна секретарка.
Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, додаде дека за во оваа институција се прави сѐ што е можно за до крајот на португалското претседателство, на 30 јуни, да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција.
-За Европската Комисија сите услови се исполнети од страна на Северна Македонија и треба да работиме заедно за усвојување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција, изјави Шефчович.