Најновиот број на неделникот „Фокус“ објавува интервјуа со претседателските кандидати кои се согласија да ни одговорат на прашањата, додека за оние што одлучија да ја одбијат или игнорираат нашата покана направивме мини-портрети, преку кои се обидовме да ги доловиме нивните ставови и позиции за клучните теми. Кандидатката за претседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, одговори на нашата покана за интервју по 2 дена, велејќи: „Во тешка трка сум, ќе ја проверам агендата, па ќе ви пишам“. Сепак, повратен одговор не добивме.
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Откако загуби на минатите претседателски избори во 2019 година, сега, 5 години подоцна, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова добива втора шанса да му се реваншира на актуелниот претседател Стево Пендаровски.
Во периодот пред да стане официјален претседателски кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска малку срамежливо и со доза на (лажна) скромност велеше дека нема информации дека е во таква комбинација, а подоцна, пак, во една пригода посочи дека на површина ја исфрлувале анкетите, каде што добро котирала.
Сепак, целосната вистина е дека од сите што ги анкетираше ВМРО-ДПМНЕ, најдобро котираше Сашко Кедев, кој своевремено учествуваше на претседателски изгуби, но загуби од Бранко Црвенковски. За разлика од Силјановска, Кедев одби да направи политички камбек и повторно да влезе во трка за претседател, откако веќе еднаш загубил.
Во такви услови, изборот повторно падна врз Силјановска, која ја одби, или поточно кажано – ја игнорираше нашата покана за предизборно мини-интервју. Првично, со 2 дена доцнење ни одговори: „Во тешка трка сум, ќе ја проверам агендата, па ќе ви пишам“. Сепак, повратен одговор од неа директно не добивме, а посредно ни беше кажано дека не сакала да даде интервју.
Кои се причините и зошто, наместо да ги каже отворено, се „вадеше“ со пренатрупана агенда, знае само Силјановска. Како и да е, уште неизбрана за претседател на државата, демонстрира еден целосно погрешен пристап во односот со медиумите.
Прво, не дава јасен и директен одговор дали ја прифаќа поканата, оставајќи нѐ во исчекување дали да ја планираме или не, и второ – на овој начин прави селекција на медиумите каде ќе се појави.
Сме рекле и напишале сто пати – секој функционер одбира дали и каде ќе се појави да ги презентира своите ставови, меѓутоа истовремено секој има одговорност да дава одговори во интерес на јавноста. А, тоа особено важи за претендентите на јавни функции.
Притоа, нашите прашања до Силјановска беа многу едноставни. Нѐ интересираше што било пресудно по вторпат да прифати кандидатура за претседател со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, откако на претходните избори загуби? Какво мислење има за Пендаровски и како го оценува неговиот 5-годишен претседателски мандат? Дали гледа опасност, нејзината очекувана предност во првиот круг да биде анулирана со помош на гласови на „помали“ етнички заедници во вториот круг за Пендаровски?
Потоа, на кои постулати се темели нејзината изборна програма и каков претседател ќе биде доколку ја добие довербата од граѓаните? Каков ќе биде нејзиниот пристап и какви чекори ќе преземе согласно овластувањата, пред сѐ во надворешната политика и безбедносно-одбранбениот сегмент?
Понатаму, може ли да го разјасни нејзиниот став за Преспанскиот договор и членството на Македонија во НАТО, како и за т.н. француски предлог? Дали, според неа, вреди членството во НАТО по цена на промена на уставното име, особено во време на судири на глобална сцена? Дали е возможна промена на преговарачката рамка со ЕУ и дали како претседател ќе се залага тоа да се случи? И што смета за обврската за уставни измени, со која албанските партии го условуваат формирањето на идната влада?
Во ситуација кога Силјановска одби да одговори на нашите сосема легитимни прашања, а патем, како што ја прозиваат другите противкандидати, одбива и ТВ-дуели за да ги соочи аргументите, ќе се обидеме да ги дефинираме нејзините позиции преку селекција на изјави од нејзините јавни настапи во предизборната кампања.
– За мене возраста како во антиката значи мудрост, знаење, искуство, а мислам дека многу успешни претседатели имале бела коса и биле успешни. Не плашете се за мене, јас сум добро и физички и психички. Орна сум за дебата, ама нема кандидати за дебата. Само најавуваат, најавуваат и никако да се појават таму каде што ни е местото, пред одговорни новинари – рече таа, одговарајќи на забелешките околу нејзината возраст и на нападите дека избегнува дебати.
Според неа, ЕУ е супериорна со почитување на европските вредности и принципи, а, како што вели, нам ни треба уставен патриотизам. Тоа, додаде Силјановска, значи одбрана на принципите и вредностите на Уставот.
– Претседателот мора, пред која било важна одлука за Македонија, прво да дојде во парламентот, да се договори со опозицијата, со сите коалициски партнери, претходно со владата. Само така ќе се однесува државнички. Истото го мислам за нашата надворешна политика. Не се прославивме со амбасадори – рече таа, додавајќи дека нејзините предлози за амбасадори ќе бидат врзани за оние, кои, не само што го исполнуваат просекот, туку се над него.
Таа најави народни канцеларии преку кои претседателот ќе ги слушне проблемите на граѓаните и нивните сугестии, бидејќи, според неа, претседателот има важна обврска и во креирањето на независното судство преку Судскиот совет.
– Состојбата во која се наоѓаме е далеку од европска, далеку од европските стандарди. Нема владеење на правото, туку има владеење на една мала група луѓе. Власта е концентрирана, не само во неколкумина, туку само во Владата. Ако нема креирани политики, нема да има и реализирани програми – порача таа и посочи дека имаме зависно, политизирано и партизирано судство, слаби институции, а пресилни поединци.
Таа најави дека со почит ќе се однесува кон Владата, ќе соработуваа со неа и ќе дава совети, при што ќе се обиде двете глави како една да дејствуваат, кога се во прашање државните и националните интереси. Но, најави соработка и со опозицијата.
– Претседателот досега многупати можеше да стави вето за злоупотребата на толку саканото ЕУ знаме, партал го сторија. Јас не знам колку закони преку трупа донесоа, ама не заради ЕУ стандарди, туку заради личните и олигархиските интереси. Се надевам дека овој хаос и оваа агонија нема да дозволиме да продолжат, доста беше од нив – рече Силјановска.
Според неа, тезата „едно општество за сите“ е целосно погрешна и нелогична, бидејќи сведоци сме дека имаме две општества и тие не живеат заедно. Со оваа власт, како што рече, може да продолжиме само во циклично движење во еден хибриден режим.
– Ги нервира тоа што личам на вас, што сакам да одам на пазар, што одам пеш, што сакам да седнам да пијам кафе. Тоа за нив е чудно, тие се научени да живеат во стилот на „Живка министерка“, научени се да се сметаат за политички богови. Јас ќе си останам ваква каква што сум, ќе бидам блиска до народот бидејќи мојата инспирација се моите студенти – порача таа.
Од една страна, таа вели дека нема да ги засрами граѓаните и порачува дека ќе ја презентира земјата во најдобрата светлина и дека ќе ги искористи сите „познанства, членства, книги“.
Но, додека се фали со големи познанства и прочитани книги, а често сама за себе вели дека е интелектуалка, од друга страна ѝ пречи кога некој се ословувал како „врховен командант“.
– Не се станува државник ако вие секој ден го менувате ставот, тогаш нема да ве почитуваат зашто не си го почитувате зборот! Мене првата изјава нема да ми биде: ,,Ви зборува врховниот командант на вооружените сили”. Гледате ли фрустрирани ликови од што се импресионираат? Јас ќе го ставам акцентот на културната, на економската, на спортската, на образованата дипломатија – вели Силјановска.
На митинзите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја промовира Силјановска како „жена со принципи, која непоколебливо верува во правдата“.
Во меѓувреме, таа си размени зајадливи коментари со противкандидатот Пендаровски, кои може да се сведат на сѐ, само не на една академска и интелектуална дебата, како што најавуваше универзитетската професорка.
– Никогаш не говорам за студентите, ама најдобрите не ги заборавам, секогаш кажувам сè. Не го помнам како студент. Знам дека, ете, магистрирал и докторирал откако ги усовршил аналитичките способности во Министерството за внатрешни работи – рече Силјановска за Пендаровски.
Не помина многу за да стигне одговор и од Пендаровски, кој рече: „Морам да признам дека и јас не ја познавам од Правниот факултет. Само еден семестар, мислам дека беше само првиот семестар кога бев на Правниот факултет, нејзиниот сопруг ми беше помлад асистент. Потоа, кратко време беше библиотекар на Правниот факултет, потоа влезе во приватни бизнис-води и знаете, стана еден од најпознатите транзициски олигарси во Македонија“.
Покрај тоа, тие си поделија и неколку комплименти, така што Силјановска рече дека Пендаровски одбрал добра сопруга и добро направил што ја поздравил во една пригода, а Пендаровски рече дека ја почитува Силјановска како интелектуалец и научник, поради што во следниот мандат ќе ја предложи за судија во Уставниот суд.
Инаку, Силјановска беше министерка без ресор од 1992 до 1994 година во владата предводена од Црвенковски, кого Силјановска во една емисија своевремено го опиша како „политички мангуп“.
После оваа епизода таа апстинираше од политиката и се посвети на универзитетската кариера, се до претседателската кандидатура на минатите избори. Во меѓувреме, беше пратеник, откако на последните парламентарни избори ја предводеше пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица.