Новото договорено сложено име треба да биде и уставно име на соседната земја, рече портпаролот на грчката Влада и министер без ресор на Грција, Димитрис Ѕанакопулос, на денешниот брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописникот на МИА од Атина во однос на тоа дали Грција би прифатила име што би било само за меѓународна, а не и за внатрешна употреба.
– По дефиниција е невозможно. Тоа е контрадикција на терминот, односно не е можно да говориме дека важи за сите и да исклучуваме некој од сите, односно самата Поранешна југословенска Република Македонија. Според тоа за да постои заемно прифатливо решение во конкретното прашање, неопходна е уставна ревизија и прифаќање од страна на Поранешната југословенска Република Македонија, како уставно име на новото сложено име што ќе се договори, вели Ѕанакопулос.
Во однос на тоа каде се наоѓаат двете земји во преговорите, по средбата на шефовите на двете дипломатии, Димитров и Коѕијас, во Охрид, и за кои точки има поклопување на ставовите и договор, а кои се уште отворени, Ѕанакопулос кусо одговори дека грчката Влада има поставено два предуслова за постигнување решение: прво сложено име и второ ерга омнес, што значи и уставна ревизија.
Според портпаролот на грчката Влада, „за договорот да биде фер и одржлив треба да ги покрива овие два предуслови“, а преговорите продолжуваат како и „големите обиди за изнаоѓање заемно прифатливо решение“.
– Секако, ги признаваме политичките тешкотии и пречките со кои се соочува еден таков договор, но пречките не се однесуваат само на ПЈРМ, туку и на Грција. Нашите соседи треба да сфатат дека кај заемно прифатливо решение како предуслов има отстапки и од двете страни. Грција се наоѓа на средината на мостот и очекува од ПЈРМ да го изоди потребниот пат за да стигнеме токму до еден таков договор. Продолжуваме да преговараме и ги очекуваме следните чекори од Поранешната југословенска Република Македонија. Не треба да оставиме прозорецот на можности за решение што е создаден да се загуби, рече Димитрис Ѕанакопулос во воведното обраќање на денешниот брифинг со грчките новинари и странските дописници.
Говорејќи за прашањето за името, тој упати критики и обвинувања до опозициската Нова демократија, наведувајќи дека е неодговорна и од тие причини ја повика да ја поддржи националната позиција.