„Портланд“ на Чавкови добила нов тендер од Општина Кочани вреден милион денари

by Фокус

Општина Кочани деновиве склучила договор со струмичката компанија „Портланд-ОПЦ“, во сопственост на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, кој се однесува за изградба на бетонски потпорни ѕидови на две кочански улици, чија вредност е милион денари.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, станува збор за набавка од помала вредност, во чии рамки се јавиле 3 компании, меѓутоа најниска цена поднела компанијата во сопственост на Иван Чавков, син на екс министерот кој моментално одлежува затворска казна за упадот во парламентот на 27 април.

Инаку, Кочани и „Портланд-ОПЦ“ во мај годинава склучиле уште еден договор за јавна набавка, кој се однесува за бетонирање на пристапни патеки, улици и тротоари, во вредност од 3 и пол милиони денари.

Како што веќе објави Фокус, оваа компанија на Чавкови годинава добила тендери во вкупна вредност од околу 380.000 евра, при што компанијата најпродуктивна соработка остварила со Општина Василево, со оглед дека двете страни склучиле договор за реконструкција на локалниот пат Ново Владиевци – Сушево во износ од околу 187.500 евра, како и договор за изградба на улици во износ од околу 118.500 евра.

В.С.

Поврзани новости