Најтврдокорните приврзаници на Болсонаро одбија да го прифатат резултатот од вториот круг од претседателските избори во неделата, во кој поранешниот претседател Луис Инасио Лула да Силва тесно победи со 50,9 отсто од важечките гласови.
Лути на резултатот, возачите на камиони поставија блокади низ целата земја. Тие досега траат три дена и предизвикаа значителен прекин на транспортот на стоки, вклучително и храна и гориво.
Обраќајќи се на својот твитер профил Болсонаро рече:
„Знам дека сте вознемирени. И јас сум. Но, треба да ги држиме главите исправени. Сакам да упатам апел: исчистете ги патиштата“.
Сепак, тој ги охрабри демонстрантите да најдат други средства за демонстрација и ги поздрави различните собири што се одржаа во негова поддршка, на кои луѓето истакнаа бразилски знамиња и извикуваа слогани против Лула.