Пораст на плати од над 60% е шарена лага!

by Фокус

Во последниот период, во повеќе наврати во јавноста се пласираат соопштенија дека во изминативе осум години платите во Македонија се зголемени за повеќе од 60%. Во моментот кога за првпат ги слушнав овие бројки јас бев шокиран, што ме поттикна за периодот од 1999 до 2013 година да направам анализа на движењето на платите.

Анализата, базирана на податоците на Државниот завод за статистика говори дека во случајов станува збор за груба манипулација со јавноста, што значи дека ни оддалеку растот на платите не е со толкав процент.

Притоа манипулацијата се прави по два основи и тоа: прво се соопштуваат податоци за номиналните нето плати, што секако дека не е реален показател, и второ се врши споредба на неспоредливи податоци.

Оваа манипулација можеби за некого е нормална активност, но истата е недопустлива, бидејќи според податоците на Државниот завод за статистика последниве неколку години платите во Македонија бележат надолна линија.

Зошто споредба на неспоредливи податоци? Станува збор за преминот од 2008 во 2009 година. Имено, до 2008 година скоро сите вработени во нашата држава примаа надоместоци за превоз и исхрана, кои надоместоци од јануари 2009 година се влеаја во платите на вработените, а претходно истите не се евидентирани како примања по основ плата.

Оттука, ако се сака да се има реално сознание за примањата кои вработените ги оствариле години наназад и кои се разбира се основ за следење на стандардот, е неопходно или овие надоместоци да се додадат на претходните години или движењето на платите да се разгледува за периодот до 2008 година и од 2009 година наваму. Имено, сеопфатното разгледување на податоци кои се добиени по сосема две различни методологии не е ништо друго туку манипулација со јавноста.

Понатаму, коректно е да се напомене дека постојат две причини зошто е разгледува периодот од 1999 до 2013 година. Првата причина е тоа што по изборите во 1998 година настана реална промена на општествениот амбиент, а втората причина е бидејќи податоците за 2014 година се нецелосни, односно последни достапни податоци се оние за август 2014 година, па некоректно е истите да се споредуваат со годишните податоци од претходниот период.

Во однос на просечните номинални нето-плати, природно е да се следи движењето како на вкупната просечна номинална нето-плата, така и оние по одделните сектори на дејност, при што за да се добие поцелосна слика ќе се задржам и на неколку сектори на дејност кои опфаќаат над 80% од вкупниот број вработени во Македонија.

Така, во периодот од 1999 до 2008 година вкупната просечна номинална нето-плата бележи пораст од 9.664 на 16.096 денари, што значи дека во 2008 година е повисока за 66,56% во однос на 1999 година.

Во овој период порастот на просечната номинална плата во секторите Земјоделство, шумарство и рибарство, Рударство и вадење камен, Преработувачка индустрија, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, Градежништво, Трговија, Финансиски дејности и дејности на осигурување, Дејности во врска со недвижен имот, Јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување, Образование и Дејности на здравствена и социјална заштита бил 37,59%, 125,82%, 44,69%, 65,73%, 62,36%, 25,36%, 81,04%, 16,81%, 94,41%, 64,18% и 55,58%, соодветно.

Понатаму, во периодот од 2009 до 2013 година вкупната просечна номинална нето-плата бележи пораст од 19.957 на 21.145 денари, што значи дека во 2013 година е повисока за 5,95% во однос на 2009 година. Во овој период порастот на просечната номинална плата во секторите Земјоделство, шумарство и рибарство, Рударство и вадење камен, Преработувачка индустрија, Снабдување со електрична енергија, гас, ареа и климатизација, Градежништво, Трговија, Финансиски дејности и дејности на осигурување, Дејности во врска со недвижен имот, Јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување, Образование и Дејности на здравствена и социјална заштита бил 9,57%, 14,6%, 14,62%, 7,21%, 10,65%, 9,25%, 3,97%, 11,12%, 2,32%, 6,82% и 5,42%, соодветно.

Овде е интересно да се каже дека најголем пораст на вкупната просечна номинална нето-плата се забележува во годините 2000, 2002, 2006, 2007 и 2008, кога нејзиното зголемување во однос на претходната година е 5,47%, 6,89%, 7,30%, 7,89% и 10,36%, соодветно, а додека најниски стапки на пораст на вкупната просечна номинална нето-плата се во 2010, 2011, 2012 и 2013 година и истите во однос на претходната година се 2,99%, 1,43%, 0,26% и 1,16%, соодветно.
Навидум се изгледа добро, но не е така, некои лица заради остварување на политички цели погрешно ги толкуваат податоците, што значи дека манипулираат со јавноста. Ова покажува дека истите немаат минимум морални квалитети за вршење на функциите на кои посредно или непосредно ги избрале граѓаните. Имено, не верувам дека станува збор за забуна или дека овие лица веруваат во тоа што јавно го говорат. Меѓутоа, ако не дај Боже веруваат во тоа што јавно го говорат, тогаш не ми останува ништо друго освен да заклучам дека истите се наполно необразовани.

Зошто велам дека податоците се погрешно толкувани?

Прво, да се навратиме на податоците за 2008 и 2009 година. Просечната вкупна номинална нето-плата во 2008 година изнесувала 16.096 денари, при што скоро сите вработени примаа надомест за пат и хранарина кој, на пример, за вработените во основното образование во град Скопје изнесуваше 3.200 или 4.000 денари месечно, во зависност од тоа дали имаа или немаа директен јавен превоз до работното место.

Во 2009 година, со укинувањето на овие надоместоци, односно со воведувањето на таканаречената бруто-плата, дел од средствата кои вработените ги примаа по овие основи влегоа во платата, па затоа во 2009 година имаме податок дека вкупната просечна номинална нето-плата изнесува 19.957 денари.

Не треба да се биде многу паметен, па да се заклучи дека и да имало некакво зголемување на платите во 2009 во однос на претходната година, тоа зголемување е минимално и никако не може да се земе дека изнесувало 24%, колку што би се добиле ако некритички се наседне на манипулацијата која постојано се пласира.

Понатаму, кога се зборува за платите, доколку се користат податоците за номиналните нето-плати неопходно е на јавноста да и се соопштат и податоците за порастот на трошоците на живот, кои во периодот од 1999 до 2008 година изнесувале 37,156%, а додека во периодот од 2009 до 2013 година изнесувале 10,573%.

Притоа важно е да се напомене дека во разгледуваниот период најголем пораст на трошоците на живот во однос на претходната година имало во 2007 и 2008 година, кога истите изнесувале 6,1% и 8,3%, соодветно. Последното значи дека, претходно споменатиот пораст на платите од 7,89% и 10,36% во 2007 и 2008 година, соодветно, реално е многу помал, но за жал на бројните гласноговорници тоа воопшто не им е важно. Важно им е бомбастично да соопштат големи бројки, па макар со тоа да изнесат и невистина.

За да дадеме објективен приказ на движењето на платите во периодот 1999 до 2008 година ќе говориме за реалните нето-плати во разгледуваниот период. Така, во однос на 1999 година во 2000 и 2001 година реалната нето плата бележи намалување за 0,31% и 2,18%, за да во следниот период истата бележи постојан пораст, па така во 2006 во однос на 1999 година вкупната реална нето-плата е поголема за 17,18%.

Притоа, реалната-плата во 2006 во однос на 1999 година во секторот Рударство и вадење камен пораснала за 69,70%, во секторот Јавна управа и одбара, задолжително социјално осигурување пораснала за 34,67%, во секторот Финансиски дејности и дејности на осигурување пораснала за 31,51%, во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораснала за 28,44%, а додека во останатите сектори на дејност зголемувањето е значително помало, при што во секторите Трговија и Дејности во врска со недвижен имот имаме намалување за 4,43% и 7,29%, соодветно.

Така, во 2008 во однос на 1999 година вкупната реална-нето е поголема за 21,44%, при што во секторот Рударство и вадење камен пораснала за 64,64%, во секторот Јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување пораснала за 41,75%, во секторот Финансиски дејности и дејности на осигурување пораснала за 32%, во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораснала за 20,83%, во секторот образование пораснала за 19,71%, во секторот Градежништво за 18,34%, а додека во останатите сектори на дејност зголемувањето е помало, при што во секторите Трговија и Дејности во врска со недвижен имот имаме намалување за 7,72% и 14,81%, соодветно.

Од друга страна, за периодот од 2009 до 2013 година во јавноста континуирано се пласираат податоци за пораст на платите. Меѓутоа, во 2013 во однос на 2009 година вкупната реална нето-плата бележи пад од 4,12%, при што во секторот Јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување ова намалување е 7,46%, во секторот Финансиски дејности и дејности на осигурување тоа изнесува 5,96%, во секторот Здравство намалувањето е 4,66%, во секторот Образование намалувањето е 3,39% и во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација намалувањето е 3,04%.

Овде уште да напоменам дека од разгледуваните сектори, кои опфаќаат над 80% од вработените во државата во овој период имаме зголемување на реалната нето плата само во секторите Рударство и вадење камен и Преработувачка индустрија и тоа и во двата случаја за околу 3,6%, податок кој не е ниту малку за пофалба, бидејќи токму во преработувачката индустрија, како и во земјоделството, платите се најниски и тие се за околу 26% пониски од вкупната просечна плата.

Иако е неблагодарно да се разгледуваат подпериоди од разгледуваниот период, при што не може да се одбегне опасноста за дневополитичко етикетирање, сепак заради објективно презентирање на состојбите ќе ги разгледаме периодите од 1999-2002, од 2003-2006, од 2007-2008 и од 2009-2013 година.

Според расположливите податоци во периодот од 1999-2002 година вкупната реална нето-плата бележи пораст од 2,71%, што значи дека и покрај познатите состојби од 2001 година во овој период имаме годишна стапка на пораст на реалната нето-плата од околу 0,9%.

Понатаму, во 2006 година во однос на 2002 година вкупната реална нето плата бележи пораст од 14,08%, што значи дека во периодот од овие четири години вкупната реална нето-плата просечно се зголемувала за 3,35%, односно во секоја од овие четири години куповната моќ на вработените од година во година во просек се зголемувала за овој процент.

Меѓутоа, веќе во следните две години, т.е. во 2007 и 2008 година просечната реална нето-плата се зголемувала само за 1,8%, за да во 2013 година во однос на 2009 година истата опадне за 4,2%, што значи дека просечното годишно намалување е 1,06%.

Што се однесува до сличните показатели за разгледуваните сектори на дејности, може да се каже дека тие се различни, но генерално освен во Земјоделството, шумарството и рибарството, Трговијата и Дејностите во врска со недвижен имот каде генерално имаме колебања во однос на порастот на реалната нето-плата, во сите останати сектори е забележлива тенденцијата на пораст на реалните нето-плати до 2006 година, за да во следниот период овој пораст најпрво е забавен, а потоа истите бележат намалување.

Притоа, може да се каже дека во овие процеси најлошо поминале вработените во секторот Образование, при што на пример во реалната нето плата во 2013 година изнесува само 91,91% од онаа во секторот Здравство, односно само 84,76% од онаа во секторот Јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување.

Што ова значи, не треба посебно да се говори, но треба да се има на ум дека во случајов секторот кој има највисоко ниво на образовна структура од овие три сектори има значително депрецирани плати во однос на останатите два сектори.

Имајќи предвид дека во изминатиов период имаме значителен пад на реалните нето-плати, јасно е дека дури и да се реализира најавеното зголемување од 4-5% на номиналните нето-плати истото скоро и да нема да има влијание во насока на зголемување на стандардот на населението.

Имено, колку ова зголемување е минимално, доволно е само да се знае дека со најавеното зголемување од 4-5% државата за асистент на Универзитет, кој патем речено е магистер на науки ќе одделува замислете не повеќе од 22.500 денари нето-плата. На ова не е потребен никаков коментар, меѓутоа некој сериозно треба да се запраша дали лице кое прима ваква плата може да се посвети на научна работа.

За крај, навистина е крајно нелогично години наназад државата да бележи пораст на бруто-домашниот производ и да расте нејзината задолженост, а притоа ниту да имаме значителна изградба на капитални објекти, ниту да имаме пораст на стандардот на граѓаните. Но, за било каков одговор на ова прашање потребни се дополнителни сеопфатни анализи, кои треба да покажат каде е проблемот.

Д-р Самоил Малчески

Поврзани новости