,,Со хонорарите кои што ги добиваат во Македонија, нашите манекенки можат само да се сликаат,, – вели поранешниот модел и старлета Драгана Спасовска, која што завчера го прослави својот роденден во елитниот ресторан ,,Гаучо,, во Хонг Конг. Инаку, таа околу две години живее и работи во Дубаи, а често е на пат кон егзотични дестинации низ целиот свет.
,,Додека работев во Македонија, постојано добивав пофалби за мојот атрактивен изглед и за професионалноста. Сите ме тапкаа по рамо, но искрено, кај нас од позирање и рекламирање на модни брендови не се живее и џабе е тапкањето по рамо. Далеку сме од луксузот кој што го гледаме на телевизија, а во кој што уживаат познатите манекенки. Затоа решив да свртам нова страница во животот и заминав во Дубаи. Првиот пат, тоа беше само туристичка прошетка, но се воодушевив од овој арапски крај и можностите за напредок кои што ги нуди. Ги спакував куферите, и кажав збогум на милата Македонија која што за жал не може да им понуди многу на своите граѓани, и дојдов во Дубаи. Успеав да се вработам како брокер во компанија за осигурување, одлично заработувам и имам можности да патувам низ целиот свет. Го оставив моделството, се заситив од него, но сигурна сум дека и да започнев работа како модел овде, ќе имав голем успех. Знам дека е жално да се каже, но за ваков живот кај нас, со нашиот стандард, младите можат само да сонуваат. И затоа сакам да им кажам на сите оние кои што не осудуваат нам, атрактивните девојки кои што се преселивме во Дубаи и не обвинуваат дека се занимаваме со нечесни работи, да имаат малку пошироки видици. Прекрасно е чувството да си самостоен на млади години, да не зависиш од родителите, сам да си ги плаќаш сметките и да си одлучуваш за својата иднина. Да влезеш во продавница и да си купиш тоа што ќе ти влезе во око, без да размислуваш дали утре ќе имаш доволно пари за ручек. Да можеш да заминеш во Хонг Конг само за да го прославиш таму роденденот. Во Македонија, тоа го умеат многу мал број на луѓе, па затоа и триесетгодишни сеуште живеат на грбот на родителите, што во целиот развиен свет е нешто ненормално и чудно. Откако се преселив во Дубаи, во Скопје доаѓам само за да се видам со семејството, кое што ми ја дава целата своја поддржка за мојата одлука да живеам во странска земја, бидејќи и самите се свесни дека моите соништа не ќе можев да ги живеам кај нас, со плата од околу двесте евра,, – вели Спасовска, додавајќи дека и останатите убави девојки од светот на модата во Македонија, кои што сакаат да успеат во животот не треба многу да се двоумат, и да си купат карта во еден правец за Дубаи.
Додека живееше во Македонија, таа често патуваше во соседна Бугарија, каде што се појави во спотовите на голем број на познати бугарски пејачи и учествуваше на разни избори за убавина. Кај нас, беше заштитно лице на неколку модни брендови. Лани таа се најде во центарот на вниманието, откако во повеќе медиуми на Балканот беа објавени нејзини фотографии со познатиот светски фудбалски првак, бразилецот Роналдињо, како се забавуваат во клубови во Дубаи. Тогаш таа ни потврди дека се гледа со славниот фудбалер, но врската им е само пријателска.
Вики Клинчарова