Унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе го зголемува наталитетот во својата земја со мерки кои кај нас прв започна да ги применува Ванчо Апостолов, поранешниот градоначалник на Неготино од редовите на ВМРО ДПМНЕ.
Станува збор за парична помош за жените кои ќе се омажат по својата 40-та година, односно истите во Унгарија ќе може да конкурираат за заем од околу 36.000 долари, кој доколку добијат второ дете ќе им се намали за една третина, а пак за раѓање на трето дете, целосно ќе им се избрише.
Во Неготино пак, мерката за стимулирање на женењето започна да се применува пред околу четири години, кога Апостолов, со цел да ги поттикне неженетите неготинчани започна да им доделува субвенции од 500 евра, под услов да се женат за прв пат. Намерно или не, жените постари од 40 години кои стапуваа во брак беа изоставени од оваа мерка и не им следуваше парична помош.
-Ги гледам, се собрале, повозрасни, неженети, по цел ден седат на градскиот плоштад. Решив да ги поттикнам да се оженат, да создадат семејства, да добијат деца – ни изјави Апостолов, во времето кога започна да ја применува мерката.
Сепак, стимулирањето на неготинските ергени со 500 евра не се покажа како добра мерка и не донесе некои видливи резултати во зголемувањето на наталитетот во општината. Во 2016 година, во рок од шест месеци само двајца повозрасни се решиле да стапнат на лудиот камен, а слабата заинтересиранст за женачка траеше до крајот на доделувањето на субвенциите, односно до стапувањето на функцијата градоначалник на Тони Делков, кој набргу ја укина мерката.
Тој исто така ја укина и еднократната помош од 7.000 денари која ја добиваа родителите за секое новороденче во општината, но и помошта од 14.000 денари за секое трето дете. Причината за укинувањето на субвенциите за зголемување на наталитетот, наводно бил слабиот ефект, односно не бил забележан зголемен пораст на наталитетот, а и финансиската состојба во општинската каса била загрижувачка.
Покрај мерките за немажените повозрасни девојки во Унгарија, Орбан најави и заеми за семејства кои имаат најмалку две деца, а за жените кои имаат најмалку четири деца, укинување на персоналниот данок.
Вики Клинчарова