Кај Томислав Димитровски ексамбасадорот во Љубљана и ексконзул во Солун, пронајден е арсенал оружје меѓу кој три пиштоли и три пушки, откако тој вчера попладне се скарал со сосед кој пријавил дека поранешниот амбасадор во ходникот од зградата кон него репетирал и автоматска пушка. Димитровски од јануари годинава е советник на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Вчера околу 15.30 часот А.Д. пријавил дека во зграда на улицата ‘Тодор Александров’ во Скопје неговиот сосед Т.Д. по кратка вербална расправија во ходникот на зградата извадил автоматска пушка и ја репетирал кон него. Полициски службеници веднаш по добивањето на пријавата излегле на местото на настанот. Во домот на Т.Д. се пронајдени повеќе парчиња оружје и муниција, кои се одземени. Т.Д. е повикан во полициска станица и со него е извршен службен разговор и се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР за „Фокус“ .
Според неофицијални информации до кои дојде „360 Степени“, кај Димитровски биле пронајдени три пиштоли, три пушки, четири рамки со муниција, ќеса со куршуми и др.
Инаку, пред да стане советник на Мицкоски, Димитровски од април 2014 до март 2018 година беше амбасадор во Љубљана, Словенија. На оваа позиција тој замина откако претходно седум години, од февруари 2007 до јануари 2014, беше конзул во Солун.