Судот во Мјанмар ја осуди соборената цивилна лидерка Аунг Сан Су Чи на четири години затвор поради поттикнување немири против војската и кршење на правилата за борба против коронавирусот.
-Су Чи е осудена на две години затвор според член 505 (б) и две години затвор според Законот за борба против природни катастрофи, рече портпаролот на хунтата Зау Мин Ту.
Воено возило вчера удри во демонстранти при што загинаа пет луѓе, а десетици беа повредени. Безбедносните сили на Мјанмар вчера во Јангон извршија рација врз противниците на воениот удар во земјата при што беа уапсени најмалку 15 луѓе.
Антивоените протести продолжуваат и покрај убиството на повеќе од 1.300 луѓе од државниот удар на 1 февруари. Протестите често се организираат во помали групи кои изразуваат противење на соборувањето на избраната влада предводена од нобеловката Аунг Су Чи и враќањето на воената власт.