Ќе стане ли Бубевски нов шеф на скопското обвинителство?

Претседателот на Советот на јавните обвинители Антонио Јолевски за „Фокус“ вели дека изборот се пролонгираше поради изборите.

by fokus

За еден месец, поточно до крајот на годината, би требало да се избере новиот шеф на скопското обвинителство, откако пред половина година, обвинителот Сашо Рајчев се повлече од позицијата и беше избран за виш обвинител.

Претседателот на Советот на јавните обвинители Антонио Јолевски за „Фокус“ вели дека изборот се пролонгираше поради изборите, но сега останува да состанат членовите на Советот и да гласаат.

Во трката се тројца обвинители и тоа Гаврил Бубевски, кој беше дел од згаснатото СЈО, Ермон Незири и Елизабета Павловска.

Обвинителот Бубевски се споменуваше и како можен наследник на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој се очекува да биде избран за уставен судија, но и овој избор се развлече, поради што челната позиција во скопското обвинителство на Бубевски засега му е подостапна.

Рамо до рамо до Бубевски е исправен и обвинителот Незири,  кој неколку пати се најде во најтесниот круг за избор.

Имено, како најголем фаворит неговото име се вртеше на конкурсот за шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кога беше избрана Вилма Русковска, но и на конкурсот за скопско, кога победи Рајчев.

Поточно, тогаш во игра беа само двајцата, но од записникот на седницата може да се види дека тој ги повлекол документите за избор.

Павловска пак беше една од заменичките на Рајчев, која по неговото заминување беше назначена за в.д јавен обвинител.

Новиот шеф на скопското обвинителство ќе биде исправен пред тешка одлука, бидејќи скопското обвинителство е најголемо, со најголем број на предмети.

Валентина Вурмо

Поврзани новости