Поранешна фирма на зетот на Минчо ќе го воскреснува скопски „Бетон“ од стечај!

Компанијата „Фего Инженеринг“, чиј доминантен содружник бил зетот на Минчо Јорданов, Горан Мауровски, поднела план за реорганизација на некогашниот градежен гигант „Бетон Скопје“, кој пред година и пол падна во стечај, бидејќи не беше во можност да ги сервисира обврските, како резултат на раскинатите договори со државни институции, но и поради неможноста да го оттуѓува вредниот имот со кој се уште располага друштвото, пишува неделникот „Фокус“.

by Фокус

Градежната компанија „Бетон Скопје“, која ја поседуваше бизнисменот Минчо Јорданов преку офшор-фирма од Британските Девствени Острови, многу години важеше за гигант на домашниот пазар. Всушност, така беше сѐ додека фирмата не престана да добива јавно спонзорирани зделки, но главните тешкотии се јавија кога речиси сите договори со државни органи беа раскинати, а имотот на друштвото – замрзнат. Во таква ситуација, тоа падна во стечај, но не се движи кон ликвидација, туку кон рестарт.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во рамки на стечајната постапка, план за реорганизација на „Бетон Скопје“ доставила градежна компанија, чиј косопственик, според податоците што ги обезбедивме, бил зетот на Минчо Јорданов – Горан Мауровски. Односно, поранешна фирма на Мауровски се обидува да ја спаси градежна компанија што ја поседуваше неговиот дедо Јорданов пред да падне во стечај, притоа оставајќи ги недовршени објектот на Народна банка, споменикот „Мајка Тереза“, хотелот до ВМРО-ДПМНЕ, црквата „Свети Константин и Елена“…

Донесено е решение за утврдени и оспорени побарувања, од кое може да се види колкави побарувања се утврдени на доверителите. Имотот со кој располага друштвото може да се види од извештајот на стечајниот управник, пописот и проценката на имотот. Предметот е во фаза на извештајно собрание од кое ќе зависи текот на постапката“, ни одговорија од надлежниот скопски граѓански суд, од каде уште додаваат дека сѐ уште нема намирување на доверители.

Повеќе информации за стечајната постапка добивме од судските решенија доставувани до Централниот регистар и до други институции. Според проверките што ги извршивме, во април 2023 година е објавено решение на судот, според кое предлогот за стечај поднесен од десетина вработени во скопски „Бетон“ се усвојува. Во меѓувреме, со решение донесено во јуни 2023 година, се основал привремен Одбор на доверители на стечајниот должник во состав: Халк банка“, „Сивил Инженеринг“ и „Адинг“.

Веќе во февруари 2024 година, пак, се извршило утврдување на побарувањата на доверителите, така што „Стопанска банка Скопје“ имала разлачно побарување од над 781 милион денари, плус камата. Потоа, сo решение од март 2024 година се констатира дека Собранието на доверители донело одлука деловниот потфат на стечајниот должник да продолжи, а во Одборот на доверители да влезат уште 2 фирми-доверители – „Веле текстил“ и „Пескара Вел“.

Патем, се задолжиле 2 компании во рок од 45 дена од денот на добивање на овластувањето да достават план за реорганизација на должникот согласно Законот за стечај. Една од нив е „Јастреб Констракшн“, поврзана со турскиот холдинг „Бахаш“, која неодамна го презеде „Силекс Неметали“. Сепак, тоа нема да го стори и со скопски „Бетон“, бидејќи, како што не информираше стечајниот управник Ацо Петров, тие не поднеле план за реорганизација.

Арно ама, тоа го сторила другата компанија што пројавила таков интерес и добила такво задолжение. Како што вели стечајниот управник Петров, се чека одговор од Одборот на доверители, но не се исклучува планот да биде прифатен, што, според него, би било добро и за компанијата и за доверителите и за општеството. За која компанија станува збор?

Тоа е „Фего Инженеринг“, градежна компанија основана во 2009 година, која моментално е во сопственост на двајца партнери и има 2 фирми-ќерки. Како сопственици на „Фего“ се јавуваат Златко Стојаноски и Огнен Христов, кој воедно е управител на друштвото. Оваа компанија се јавува како (ко)сопственик во „Бонанова“, основана во 2016 година за „трговија на големо“, и во „Дакт Инг“, основана во 2019 година за „општи машински работи“.

Нашите проверки открија дека Христов бил и сѐ уште е дел од други фирми, меѓу кои е градежната компанија основана во 2021 година „Мондриан Груп“, каде што се јавуваат уште двајца содружници. Еден од нив е веќе споменатиот Мауровски, кој, како што напишавме, е во роднинска врска со Јорданов. Покрај тоа, Мауровски го лоциравме и како газда на „Мерген“, друштво за трговија основано во 2016 година, чиј управител пак е Стојаноски.

За потсетување, Мауровски беше поставен и за генерален директор на скопски „Бетон“, која неговиот дедо ја поседуваше преку офшор-фирма. Набргу потоа, „Бетон“ падна во стечај, но од податоците што ги обезбедивме испаѓа дека обид да го спаси градежниот гигант има друштвото („Фего Инженеринг“) на лицата (Христов и Стојаноски) со потврдени деловни и бизнис-односи со Мауровски („Мондриан“ и „Мерген“).

Дополнително, историјатот на промени покажува дека „Фего Инженеринг“ е основана во 2009 година со влог од 5.000 евра од страна на Христов. Тој бил единствен содружник се до 2016 година, кога во сопственичката структура влегува Мауровски. Нови промени нема до следната 2017 година, кога Мауровски станува доминантен содружник. Така е сѐ до април 2021 година, кога тој му го пренесува уделот на Стојаноски, управител во негова друга фирма – „Мерген“. До денес, Стојаноски е доминантен содружник во „Фего“, каде што помал партнер останува Христов, партнер со Мауровски во „Мондриан“.

„Планот за реорганизација е изготвен и предаден до надлежните институции, изготвен е од страна на компетентни експерти и е резултат на темелна и внимателна подготовка. Целта на овој план е да се обезбеди најдобро решение за компанијата и нејзината иднина, а неговата реализација бара одобрение од одборот на доверители, кои се клучни за понатамошниот тек на процесот.

Она што можеме со сигурност да го кажеме е дека ние, како „Фего Инженеринг“, ќе вложиме максимални напори за оваа важна компанија, Бетон АД Скопје повторно да се врати на позицијата што ја заслужува во македонската економија и градежништвото. Таа е столб на индустријата во земјава, и нејзиното враќање во поранешниот сјај е од клучно значење, не само за компанијата, туку и за целокупниот развој на градежниот сектор во Македонија“, ни одговорија од „Фего Инженеринг“.

Пред да падне во стечај, скопски „Бетон“ имаше обид да продаде имот со цел да обезбеди свежи средства. Таква одлука, Собранието на акционери донесе за хотелот во Охрид и недоградениот хотел до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа го спречи одлука на Јавното обвинителство да го замрзне имотот. Па така, продаден беше само хотелот во Дојран, кој заврши во сопственост на „Репро 21“, во сопственост на „Репро Оне Лимитет“ со седиште во Британски Девствени Острови, преку која Јорданов поседуваше најголем дел од акциите во „Бетон“.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости