На денешното рочиште Тенк, за набавката на мерцедесот од 580.000 евра на обвинителна клупа покрај Никола Груевски и Ѓоко Поповски не седна Гордана Јанкулоска, за која постапката е издвоена бидејки е бремена. Во судница се присутни и 11 сведоци предложени од одбраната.
Прв сведочеше Љупчо Ц. вработен во МВР во 2006 година, а во еден период му бил и лично обезбедување на Груевски.
-Често пати Груевски требаше да пристигне со еден автомобил, а доаѓаше со друг. Потоа ја разбрав причината. Честопати на возилото со кое тргнувал му се расипувале кочниците, не работеше климата. Еднаш требаше од дома да биде пренесен до Влада, но возилото не можеше да се запали, па мораше да се вози со возило кое не е блендирано, а тоа не е дозволено по протокол, рече сведокот Љупчо, кој додаде дека целата шеста управа задолжена за обезбедување има четири или пет блендирани возила, и сите биле марка мерцедес.
Тој додаде дека пак кога блендираното возило наменето за превоз на Груевски ќе се расипело, се чекало по еден месец за набавка на дел. Во таков случај се користело возило од МВР. Возилото на Груевски имало поминато 200.000 километри.
Пред судот сведочеше и Маријан Т. исто така поранешен телохранител на Груевски. Тој појасни дека одреден период возел резервно блендирано возило џип, кое често пати се расипувало.
-Оваа возило не беше фабрички блендирано, па затоа често пати имавме проблем, неколку пати ќе излетав од пат. Кога блендираниот мерцедес ќе се расипеше, Груевски мораше да се вози во џипот. Кога и џипот ќе го однесев на мајстор, ми викаа уште ли ја користите оваа канта, рече сведокот Маријан, одејќи во прилог на одбраната на Груевски, која се обидува да докаже дека мерцедесот од 580.000 евра бил неопходен.
По набавката на скапиот мерцедес, тој појасни дека во него се возеле странски делегации.
В.В.