Поранешниот американски амбасадор во Србија Вилијам Монтгомери изјави дека западните дипломатски напори во дијалогот на Белград и Приштина всушност имаат невозможна задача.
Монтгомери кажа дека нема никакви информации за што се разговара при актуелните посети на странските дипломати и во дијалогот, но дека врз основа на повеќегодишното лично искуство по тоа прашање може да каже дека повеќе од она што досега е направено е обид секое поединечно прашање да се реши за да се избегне конфликт.
-Проблемот кој го створи Европската Унија е поглавјето 35 во преговорите со Србија, кое се бави со Косово, и требаше да биде последното поглавје кое ќе се отвори откако сè останато ќе се затвори. За членството во ЕУ да биде загарантирано кога ќе се реши прашањето на Косово. Тоа би извршило вистински притисок врз Србија. Сега нема притисок, бидејќи членството на Србија во ЕУ е далеку од многу причини, од кои многу немаат врска со Србија – имено, повеќето земји од ЕУ не сакаат понатамошно ширење, објасни Монтгомери.
Кога станува збор за косовскиот премиер, според американскиот дипломат, важно е да се сфати дека Курти воопшто не се грижи за економската благосостојба на својата територија, бидејќи е фиксиран на Србија, и од политички и од лични причини.
Според него, Курти сè условува со добивањето „витална српска концесија“, а западните дипломати силно го притискаат Белград тоа да го направи.
-Србија од друга страна нема вистинска причина да послуша. Има растечка економија и многу други прашања со кои треба да се бави. А ЕУ, пак, нема што во моментов да ѝ понуди на Србија за оваа отстапка, кажа Монтгомери.
Тој се осврна и на ситуацијата во Украина и сличноста со Косово.
-Би можел да додадам дека е иронично што Косово беше одземено на сила и спротивно на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, но со поддршка од Западот. Но, ние ја браниме Украина бидејќи Русија истото се обидува да го направи таму. Западот ја оправдуваше кампањата на бомбардирање на Србија поради малтретирањето на косовските Албанци. Русија ја оправдуваат својата акција поради малтретирањето на тамошните етнички Руси. Значи, иронично, Русите ги користат нашите сопствени акции против нас, заклучи Монтгомери.