Комесарот за внатрешен пазар на Европската комисија, Тиери Бретон, реагираше на веста дека милијардерот Илон Маск ја купил социјалната мрежа Твитер, посочувајќи дека социјалната мрежа во Европа ќе работи според европските правила.
Откако го купи Твитер, Маск напиша дека сега „птицата е слободна“ откако ја презеде контролата над платформата, купена за 44 милијарди долари.
Бретон одговори дека Твитер ќе мора да ги почитува прописите за големите платформи кои важат во Европската унија.
Францускиот комесар, кој е иницијатор на законот за дигитални платформи, на Твитер напиша дека „во Европа птицата ќе лета според европските правила“.
Тој на Твитер објави и видео од неговата средба со Маск во мај оваа година во Остин (САД) во фабриката што го произведува автомобилот Тесла.
Во видеото, Маск го уверува Бретон дека ќе биде „на иста бранова должина“ како ЕУ за новите регулативи за дигиталните платформи и обврските поврзани со содржината.
Твитер, како и другите социјални мрежи, долго време е предмет на дебати и грижи на корисниците и вработените во компаниите, а често пристигнуваат повици за преземање мерки против вознемирување, говор на омраза и дезинформации.
Законот ќе функционира по принципот дека се што е нелегално во физичкиот живот е нелегално и на интернет.
Европскиот закон за дигитални услуги беше објавен во петокот во Службениот весник на Европската унија.
Законот вели дека големите дигитални платформи, со „повеќе од 45 милиони активни корисници“ во ЕУ мора да се усогласат со европските правила за транспарентност на нивните алгоритми.
Законот предвидува и годишна независна ревизија на работата на платформите.
Целта е да се заштити дигиталниот простор од нелегални содржини и да се гарантира заштитата на основните права на корисниците на Интернет.
Намерата на ЕУ е да се бори против говорот на омраза на Интернет, против повиците за насилство, педофилија, дезинформации или фалсификувани производи.