Основниот кривичен суд Скопје денеска информираше дека судењето на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири е одложено на неодредено време поради неговата психичка состојба.
-Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат главната расправа за предметот со КОК бр. 193/22, ја информираме јавноста дека, расправата насрочена за 13 март 2023 година ќе се одложи. Имено до судот е доставено ново стручно мислење на вешто лице – психијатар, според кое заради достабилизација на психичката состојба на обвинетиот М.З., се препорачува одлагање на судењата во следните три до четири недели. Со оглед да се работи за здравствена состојба, судењето ќе биде одложено, а главната расправа ќе се насочи во координација со останатите странки во постапката, како и согласно препораката на вештото лице, за што јавноста ќе биде дополнително известена, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.
Зеќири се товари дека со „злоупотреба на службена положба и овластување“ го оштетил државниот буџет за 89.385.255,00 денари.
Според обвинението, обвинетиот како службено лице генерален секретар на Владата, со умисла извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.