Како што неофицијално дознаваме од блиски извори на претседателот на ДПМНЕ, осомничениот Никола Груевски, Македонија е на раб да изгуби голем странски инвститор поради протестите пред ДИК што се случуваат овие неколку дена. Инвеститорот бил видно потресен и стравувал за својот невложен капитал во Македонија, земјата оаза за светските инвеститори, не известуваат нашите непроверени и измислени извори.
Вака слична ситуација на Македонија и се случи и на 5ти мај 2015 година кога поради бомбите каде беа објавени вистини за криење на убиство, македонските граѓани излегоа на протест, а во тоа време Груевски баш бил на телефон со голем инвеститор. По неуспешниот разговор, полн со страв и очај кај тој инвеститор, тогашниот премиер, а денешен осомничен, Никола Груевски ги обвини граѓаните што протестираа дека го избркале тој голем странски инвеститор од Македонија.
Граѓаните се прашуваат: Дали истото и се случува на Македонија после година и пол? За сите нас, станува да почекаме Груевски да свика пресконференција и истото го соопшти пред македонската јавност како што тоа го направи претходно. Само тогаш може да ја дознаеме вистината.
Напомена: Вестите се измислени и сатирични и служат како пародија од моменталните збиднувања во државава. Но не ја исклучуваме можноста тие во иднина по некоја случајност да станат реални и точни.