По смртта на градоначалникот на Боговиње, Хазби Идризи, во мај, нема кој да им потпише плата на вработените во локалната самоуправа. Советот не може да се договори да избере в.д. градоначалник.
Два месеци се без плата и придонеси за здравствено осигурување над 400 вработени во општина Боговиње и тамошните училиштата, бидејќи нема кој да ги потпише налозите, откако градоначалникот Хазби Идризи беше убиен во мај. Голем дел од вработените, пред сè во училиштата, и преку јавен протест изразија незадоволство што првенствено членовите на Советот не го решаваат проблемот, а имаат законска можност за тоа. Советниците треба да изберат вршител на должноста градоначалник сè до наредни избори, вели Неби Адеми, инаку библиотекар во училиштето во село Пирок, за Радио Слободна Европа.
Во Советот од 19 советници, најмногу 9 има ДУИ, а потоа ДПА, Алијансата за Албанците и независен кандидат. За да се избере вршител на должноста, потребно е еден од кандидатите да добие 10 гласови. Претседателот на Советот, Сафет Имери, е оптимист и покрај тоа што на два пати досега не успеале да најдат решение на седница на Советот.
Доколку советниците сами не изгласаат вд градоначалник во одреден рок, законските одредби налагаат Владата да одлучи наместо нив, вели Неби Адеми.