Плаќањата преку кредитните трансфери и платежните картички во првиот квартал од оваа година забележале годишен раст од 15,2 отсто и 5,8 отсто раст на вредноста на остварените трансакции, соопшти Народната банка.
Висок раст е забележан кај бројот и вредноста кај плаќањата со платежни картички во трговијата од 27 отсто, односно 26,2 отсто.
„По отпочнување на корона-кризата, физичките лица сè повеќе ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните во март се зголемил за значителни 30,3 отсто на годишна основа, односно за 21,4 отсто на месечна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле компјутерите. Поконкретно, кај плаќањата извршени преку компјутер, во март се забележува висок годишен раст од 26,4 отсто, односно месечен раст од 27,2 отсто, кој е двојно повисок од годишниот раст во првиот квартал од оваа година кој изнесуваше 13,8 отсто“, велат од Народна банка.
Значително повеќе во споредба со претходно граѓаните ги користеле и мобилните телефони за плаќања – во март овој број пораснал за 45,5 отсто на годишна основа, при поумерен месечен раст од 7,4 отсто. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин е релативно блиску со годишниот раст остварен во првиот квартал од минатата година, од 45,9 отсто. Еден од четири електронски кредитни трансфери се иницира преку мобилен телефон, додека останатите три електронски кредитни трансфери се иницираат со користење компјутер.
Од Народната банка посочуваат дека менувањето на навиките на граѓаните се должи на условите што ги наметна пандемијата од ковид-19.