Воведена е делумна забрана за движење во шума со оглед на зголемената опасност од појава на пожари на отворен простор заради високите температури што се најавуваат во летниот период.
Забраната почнува да важи од денеска, од 6:00 до 20:00 часот и ќе трае се до нејзиното отповикување. Забраната важи во шумите со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“.
Од ЈП „Национални шуми“ апелираат до сите граѓани да бидат исклучително внимателни при движење во шума и да се избегнуваат сите активности што можат да предизвикаат пожар.
– Најчест причинител за појава на шумски пожар (во 99 отсто од случаите) е човекот, додека громот и самозапалувањето како причина за настанување на пожар учествуваат само со еден отсто. Пожари предизвикани од човекот може да бидат намерни – подметнати пожари и ненамерни – од невнимание при палење на стрништа, палење пасишта, фрлени опушоци, сообраќајна незгода, искра од алат при работа, искра од електтрични далеководи, приготвување скара во шума, палење логорски оган, палење депонии и друго, се вели во писмената изјава на директорот на ЈП „Национални шуми“ Зоран Ѓорѓиев.
Согласно законските одредби од Законот за шумите, забрането е палење на отворен оган во шума и на земјиште во непосредна близина на шумата, на растојание најмалку од 200 метри од работ на шумата.
Ѓорѓиев најави и зголемени контроли на дрвната маса низ целата територија на државата.