Поради се почестите напади од страна на незадоволни и нервозни пациенти врз медицински персонал, студентите на Медицинскиот факултет во Софија, соседна Бугарија започнале со обука за самоодбрана и заштита од напади. Обуката била задолжителна во програмата на медицинските факултети од почетокот на оваа учебна година, со цел да можат да одговорат на се позголемената агресија која се случувала врз белите мантили во Бугарија. Истата вклучувала теорија и психологија на самоодбраната, како и пракса, односно се изучувале бојни спортови како карате и бокс.
Бугарските медиуми известуваат дека задолжителната обука за самоодбрана на медицинарите била воведена откако се случиле низа на немили настани, односно физички и вербални напади врз нив. Според статистиката, секој втор лекар во Бугарија бил изложен на агресија од страна на пациентите, а во 81 процент насилството било вербално. Со цел да се заштитат, голем број на лекари купувале и со себе секогаш на работа носеле спреј за самозаштита, а како што пишува бугарски ,,Телеграф” голем број на медицински сестри во ташните носеле и лут пипер за време на дежурствата.
-Ако некој ме нападне, ќе му фрлам пипер во очите и ќе му предизвикам привремено слепило, таман да побегнам и побарам помош – раскажала медицинска сестра за познатиот медиум.
Приказните за спрејот за самозаштита, за ,,Фокус” ги потврди и лекарка од државната болница во Софија. Вели дека спрејот кој кај нив бил уште познат и како НАТО спреј, можел да се купи на секое подобро опремено пазарче, на тезга, и станал главен реквизит во лекарските ташни.
-Се продава за околу 15 лева (околу 450 денари) и најчесто го купуваат медицинските лица. Никогаш не се знае на какви пациенти може да налетаме за време на дежурства или пак за време на домашна посета. Се случува кога треба да се интервенира кај пациент во алкохолизирана состојба да побараме и придружба од полиција, со цел прегледот да помине без инциденти – раскажува лекарката.
Кај нас изминатиот период се случија низа на напади врз лекари и друг медицински персонал од страна на пациенти во повеќе здравствени установи. Министерот за здравство, Венко Филипче, вети дека ќе биде обезбедено професионално обезбедување за најкритичните болници, како што се Ургентниот центар, Клиниките за кардиологија и Токсикологија и за старата градска болница „Свети Наум Охридски“. Исто така екипи на МВР засилено ќе патролирале околу сите болници.
Најава за воведување на задолжителни часови за самоодбрана кај медицинарите, како во соседна Бугарија, се уште нема. Но, покрај лекарите, се жалат и пациентите поради нивно нестручно и несовесно работење. Според лекарската комора, годинава имало 51 барање за вонреден стручен надзор, со цел да се испита работењето на одредени лекари.
Вики Клинчарова