Поради многу ретко згрутчување на крвта паузирана употребата на вакцината на Џонсон&Џонсон

by Fokus

Американските федерални медицински агенции вчера препорачаа да се прекине употребата на вакцината против ковид-19 произведена од „Џонсон и Џонсон“ (Џ&Џ), откако шест жени помлади од 50 години развија редок синдром на згрутчување на крвта, што претставува нов удар во борбата со пандемијата.

Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) соопшти дека очекуваат паузата во вакцинацијата со Џонсоновата вакцина да потрае неколку дена и дека целта е всушност да им се дадат информации на медицинските работници за да можат да дијагностицираат, да лекуваат и да пријавуваат случаи на згрутчување на крвта. Питер Маркс од ФДА рече дека вакцинацијата е делумно паузирана за да ги предупреди лекарите дека примената на стандардната терапија за тромбоза во овие случаи може да предизвика огромна штета или да биде фатална.

По објавувањето на суспензијата, Џ&Џ објави дека ќе ја одложи испораката на вакцини во Европа.

Одлуката за вакцината Џ&Џ беше донесена откако европските регулаторни агенции во почетокот на овој месец објавија дека воспоставиле можна врска помеѓу вакцината на Астразенека и сличен проблем на формирање тромбови, што доведе до смртни случаи.

Вакцината од една доза на Џонсон и евтината вакцина на Астразенека се сметаат за клучни инструменти во борбата против пандемијата, која однесе повеќе од три милиони животи.

Имунолошките експерти посочуваат дека ризикот што го носи вакцината на Џ&Џ се чини дека е екстремно мал и дека вакцината останува вредно оружје против ковид-19. Сепак, тие признаа дека е неопходно здравствените службеници да приоѓаат со голема претпазливост за да се утврдат најдобрите начини за намалување на ризикот.

-Дури и ако постои причинска врска со вакцината: шест случаи на 7 милиони дози (што е помалку од ризикот од згрутчување на крвта од земање орални контрацептиви) не е нешто за што треба да се паничи“, вели д-р Амеш Адаља, експерт за заразни болести на Џонс Хопкинс. „Луѓето ме прашуваат дали треба да ги откажат закажаните вакцини, и јас им велам да не го прават тоа, но знам дека многумина сепак ќе го сторат, што ќе го запре напредокот во контролата на пандемијата, рече Адаља.

Сите шест случаи во САД биле жени на возраст од 18 до 48 години, а симптомите се појавиле шест до 13 дена по вакцинирањето. Во сите случаи забележана е церебрална венска синусна тромбоза (ЦВСТ) во комбинација со низок број тромбоцити (тромбоцитопенија).

-Дури и ако овие случаи се предизвикани од вакцината, ризикот од помалку од еден на милион треба да се мери со придобивките од заштитата од ковид-10, болест што сама по себе предизвикува згрутчување на крвта во многу случаи, рече Питер Инглиш, експерт за вакцини во пензија.

Во Соединетите Држави досега се дадени 6,8 милиони дози Џ&Џ, наспроти 180 милиони дози вакцина на Модерна и Фајзер.

Американските здравствени власти на прес-конференција рекоа дека нема пријавено слични случаи на згрутчување на крвта кај луѓето што примиле вакцини на Фајзер / Бионтек и Модерна.

По обемната истрага за тоа што се случува со вакцината на Астразенека, научниците не беа изненадени од веста за слични случаи на згрутчување на крвта кај луѓето што примиле вакцина од Џ&Џ.

Овие две вакцини – како и руската Спутник V – се дизајнирани на ист начин. Тие користат вирус на обичната настинка – од шимпанзата во вакцината на Астразенека и човечки кај Џонсон – за во телото да достават протеини на коронавирусот, кои потоа го активираат имунолошкиот одговор во форма на антитела и Т-клетки, кои исто така се борат против ковид-19.

Сега се чини дека оваа технологија има врска со ретка опасна состојба, која Европската медицинска агенција и официјално ја наведе како несакана последица во случајот со вакцината на Астразенека. Нема податоци за појава на такви случаи по приемот на руската вакцина Спутник V, пишува Гардијан.

 

Поврзани новости