Комората на извршители го осудува попречување на спроведување на извршувањето спроведено од извршителката Весна Јакимовска, соопштија денеска од Комората по вчерашниот инцидент кога Јакимовска го нападна новинарот Фуркан Салиу и еден полицаец од полициската станица во Кичево.
Преземањето на дејствија во домот на должникот се врши почитувајќи ја личноста и достоинството на должникот и неговото семејство па од таа причина јавноста е исклучена од постапките на извршувањето согласно обврската за извршителска тајна, велат од Комората на извршители.
„Комората ќе ги искористи сите законски средства за да се побара одговорност за недозволеното и незаконито снимање на дејствијата кои ги презема извршителот со цел реализирање на судска одлука за наплата на долг. Потсетуваме дека попречувањето при вршење на службата на извршителот е кривично дело, за кое МВР и обвинителството имаат обврска да постапуваат по службена должност.
Воедно, согласно Законот за извршување извршителот е овластен да го отстрани лицето кое го попречува спроведувањето на извршувањето и да побара асистенција од полиција. Комората на извршители ги повикува надлежните институции за брза и ефикасна истрага се со цел целосно расчистување на случајот и правилно информирање на јавноста“, реагираа од Комората.
Новинарот Салиу вчера објави дека е повреден откако физички бил нападнат од извршителката Весна Јакимовска во тек на извршна постапка во Кичeво. Здружението на новинари и Самостојниот сидникат на новинарите ја осудија ваквата реакција на извршителката, потсетувајќи дека напад врз новинар е кривично дело.