Министерот за надворешни работи, Никола Поповски, истакна дека не му е јасно зошто новинарите вчера протестирале за ослободување на нивниот колега Томислав Кежаровски. Тој рече дека реформите во медиумската сфера ќе продолжат и оти сите учесници во тој процес имаат свои одговорности.
„Повеќето од нас не разбираат за што беше протестот, бидејќи знаеме, сите беа информирани дека лицето кое го споменавте е на слобода. Мислам дека би било погрешно да носиме заклучоци врз основа на еден случај за целокупната слика“, рече Попоски.
Можеби министерот не слушнал, но новинарите вчера гласно истакнаа дека ќе протестираат и покрај тоа што Кежаровски привремено е на слобода, бидејќи Апелациониот суд му ја потврди осудителната пресуда. Новинарите бараа слобода за колегата Кежаровски и ослободување од секаква вина.
Кежаровски од првостепениот суд беше осуден на 4,6 години затвор, а со одлука на Апелација оваа казна беше намалена на две години. На новинарот му останува да одлежи уште три месеци и осум дена. Откако во петокот беше спровеен во затворот „Скопје“, по четири дена, непосредно пред протестот, беше привремено пуштен на слобода, односно по барање на директорот на затворот, а по одлука на Управата за извршување на санкции се направи прекин на издражувањето на казната во рок од 30 дена.
Во меѓувреме директорот на затворот, но и сопругата на Кежаровски, поднесоа барање за условен отпуст, за кое деновиве треба да реши Кривичниот суд.